Соборените египетски претседатели се сретнаа на суд

Поранешните египетски претседатели, соборениот со Арапската пролет автократски челник Хосни Мубарак и сега притворениот негов наследник Мохамед Морси од панарапското исламистички движење Муслимански браќа, се сретнаа во средата на суд во процесот во кој Мубарак сведочеше против Морси.

Деведесетгодишниот Хосни Мубарак сведочел два и пол часа во затворскиот комплекс со најголем степен на безбедност на југот од египетската престолнина Каиро, каде што е притворен Мохамед Морси. Во темен костум и со бастун, Мубарак во судницата влегол придружуван од двата сина, пренесуваат медиумите.

Морси, пак, носел затвореничка облека, и седел зад дебело стакло во метален кафез, покрај другите истакнати личности од Муслиманското братство на коишто исто така им се суди, Околу триесет членови на семејствата, повеќето жени, станале за на обвинетите да им гестикулираат свои пораки на почетокот и на крајот од рочиштето.

Денешното рочиште е дел од повтореното судење во кое Морси и другите се обвинети за организирање бегства од затвори и нарушување на источната египетска граница во текот на бунтот во февруари 2011 година со кој беше соборен деценискиот претседател Мубарак.

Видно слаб поради староста, Мубарак седел на местото предвидено за сведоците, Судиите му поставувале низа прашања за безбедносната ситуација во време на јакнењето на бунтот против неговото 30-годишно владеење. Тој со рапав глас кој постепено се зајакнувал оти се чинело дека е нестрплив, одговорил дека не поседува информации и детали.

Запрашан за можното инфилтрирање на странски милитанти, рекол дека челникот на разунавачките служби на 29-ти јануари 2011 година му дал информација за илјадници луѓе кои ја минуваат египетската граница од палестинската територија Појасот Газа да за го поддржат Муслиманското братство. „Ми рече дека постојат вооружени групи кои ја минале границата во голем број, околу 800“, рекол Мубарак пред судот.

Меѓутоа, одбил да одговори на прашањата за улогата на овие милитантни групации, за да не открива државни тајни без дозвола. „Сакам одобрување за да зборувам за тоа и со тоа не би го прекршил законот“, појаснил Мубарак.

Самиот Мубарак беше шест години во затвор по бунтот со кој беше соборен. Доби доживотна затворска казна поради наводен заговор околу убиства на демонстрантите, но во март минатата 2017 година беше ослободен од обвиненијата.

Мохамед Морси, кој се врати од егзил во САД, беше првиот избран челник на Египет, а се наоѓа во затвор откако една година потоа беше отстранет од должноста од сегашниот шеф на државата генералот Абдел Фатах ал-Сиси, тогашниот претседател на влијателниот и моќен Совет на вооружените сили, откако Морси не успеа да постигне договор со либералната и секуларистичка опозиција, по масовните протести со повеќе од илајда жртви.

По отстранувањето на Морси и серијата атентати и терористички напади со радикална заднина, Египет го прогласи Муслиманското братство за терористичка организација и го забрани неговото дејствување. Илјадници негови членови се затворени, а тие тврдат дека движењето се занимавло со „мирен активизам“.

Морси веќе отслужува казни од вкупно 45 години, откако во одвоени случаи беше обвинет за шпионажа во полза на Катар, и поради учество во убиства на демонстрантите во 2012 година. Првично беше осуден на смрт во случаите за организирање бегства на радикални милитанти од затворите, и на доживотна затворска казна поради шпионажа за палестинското исламистичко движење Хамас, но тие пресуди во меѓувреме беа соборени.