Собранието ќе гласа за предлогот за потпретседател. За денес, во законодавниот дом на Република Македонија, се закажани две седници на кои, меѓудругото, ќе се гласа за предлогот Рената Тренеска Дескоска да биде потпретседател од редовите на СДСМ.
Инаку, во четвртокот Рената Треневска Дескоска беше предложена од страна на СДСМ за потпретседател на Собранието. За овој предлог на прес-конференција информираше координаторот на пратеничката група Горан Сугаревски.
Покрај ова, пратениците ќе гласаат и за пополнување на испразнетите места во собраниските комисии и тела.
Пратеникот Горан Мисевски ќе биде претседател на Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка за следење на комуникациите од страна на МВР, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, додека Хари Локвенец на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање.
Во рамки на 65. седница на дневен ред се и неколку закони во второ читање.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за денеска го закажа и продолжението на четвртата седница на која треба да биде констатирано известувањето за повлекувањето на оставките на опозициските пратеници.
Опозицијата се врати во Собранието
По петнаесет месеци бојкот опозициските пратеници се вклучија во работата на Парламентот на 1-ви септември. Ова беше една од точките од Договорот од Пржино, со кој што беше ставен крај на политичката криза во Македонија.
Како што информираше Сугаревски на прес-конференцијата во четвртокот пратеничката група на СДСМ и коалицијата до Собранието доставила пет закони со кои бара укинување на екстерното оценување, зголемување на минималната плата од 9.590 на 11.000 денари и измени во Законот за буџет.
Ова според него, биле барања на граѓаните со кои тие во изминатите месеци се среќавале. Очекува трите закони коишто се поврзани со екстерното тестирање и законите за минимална плата и за буџет да бидат подржани од сите пратеници во Собранието без разлика на пратеничката група на која што и припаѓаат.