Собранието денеска ја продолжува 80-тата седница

Собранието денеска ја продолжува 80-тата седница со расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за мирно решавање на работните спорови, во прво читање.

Целта на измените е воспоставување нов, порационален модел за мирно решавање на работните спорови со помали финансиски ресурси и обезбедување тековно функционирање на систем на мирно решавање на ваков вид спорови.

Предложениот закон треба да придонесе и за превенирање и намалување на последиците од колективните трудови спорови на страната на вработените, работодавачите, треба да даде придонес и во насока на побрзо остварување на правата од работен однос без иницирање судски постапки, намалување на бројот на судските постапки кај трудовите спорови и намалување на трошоците во судската постапка.

Во рамки на денешната седница пратениците треба да ги разгледуваат и измените и дополнувањата на Законот за семејството и на Законот за градење, како и дополнувањето на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, сите во прво читање.

На дневен ред се и Предлог одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2014 година, Предлог на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2014 година  Годишната програма за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2014 година.