Собранието до полноќ треба да ја избере новата Влада

Денеска напладне почнува вториот дел од расправата во Собранието за избор на новите министри. Во текот на вчерашниот ден, по експозето на мандатарот Зоран Заев се разви жестока дискусија за досегашното работење на Владата, за одредени пропусти во економските мерки, како и за неподготвеноста за стартот на учебната година.

Тема на дискусија беше и промената на името на државата, при што во костец се фатија пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи и мандатарот Заев.

Денеска расправата ќе почне во 12 часот, а најдоцна до полноќ Македонија треба да ја има 13-та по ред Влада која ќе брои 19 министри.

Покрај Заев како премиер, од редовите на СДСМ се предложени Љупчо Николовски-вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Со Министерство за земјоделство, ќе раководи Аријанит Хоџа од Беса, додека Горан Милевски од ЛДП е предложен за министер за локална самоуправа. Долгогодишниот коалициски партнер во владата, ДУИ има предложено шест члена и тоа: Артан Груби за вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши повторно на функцијата министер за економија, Насер Нуредини министер за животна средина и Јетон Шаќири кој треба да раководи со Министерството за информатичко општество и администрација.