Собранието го донесе Законот за ЈО – првото гласање поништено

Собранието го усвои законот за јавно обвинителство. „За“ гласаа 80 пратеници, минимален број неопходен за донесување на законот.

При првичното гласање, кое спикерот Талат Џафери го поништи поради тоа што некои пратеници реагирале дека нивниот глас не е регистриран, на екранот се појавија 74 гласа „за“.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, реагираше на повтореното гласање и бараше да се уважи првото. Тој смета дека повтореното изјаснување натерало да гласаат „за“ и одредени пратеници што се двоумеле.

Откако Џафери констатира дека законот е донесен, Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската говорница извикуваше „Криминалци“ и „Срамота“.

– Ова е класично кршење на деловник, на Устав. Констатиравте дека второто гласање е завршено и дека законот е донесен. Срамота е ова што го правите – рече Мицевски

Тој побара првото гласање да биде важечко, а второто неважечко и побара пауза од еден час.

Џафери даде пауза од еден час.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.