Нема веќе ограничувања на времето за продажба на алкохол, бидејќи ќе се укинуваат ограничувањата на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и во малопродажните објекти и тоа во лето по 21 часот, а во зима по 19 часот , забрана која почна да се применува со законот од 2008 година.
Владината одлука доаѓа по неколку месеци топло-ладно, односно најава дека забраната ќе се укине, за конечно на последната седница се одобрени измените на Законот за трговија. Владата со тоа ја почна процедурата за укинување на временското ограничување и другите рестрикции за продажба на алкохол. Но и покрај тоа Собранието ќе го каже последниот збор на седница која треба дополнително да биде закажана, а дотогаш се уште нема да може да се купува алкохол по 19 часот.
Инаку три месеци беше рокот што му го даде Владата на Министерството за економија да достави предлог за изменување на Законот за трговија за укинување на времето за продажба на алкохол и за укинување на ограничувањето, односно забраната на продажба на алкохол во киосци,
Според овој Предлог продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и понатаму треба да се врши во лиценцирани продажни објекти, но притоа нема да се бараат посебни услови во продажниот објект за продажба на алкохолни пијалаци, ниту ќе се ограничуваат малопродажните објекти во кои ќе се врши продажбата.
Исто така продажбата на алкохолните пијалаци ќе се дозволи и во киосците.