Собранието на Косово усвои нацрт-закон за пругата Драч – Приштина

Пратениците во Собранието на Косово, како од власта така и од опозицијата, го изгласаа денеска нацрт-законот за ратификација на договорот за кофинансирање на физибилити-студијата и идејниот проект за железничката линија помеѓу косовската престолнина и пристаништето Драч во Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Образложувајќи го владиниот предлог, министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу рече дека со релизацијата на овој проект ќе се овозможи транспорт на стоки од пристаниште во Драч во цел Западен Балкан.

– Од суштинско значење за економскиот развој на двете земји е реализацијата на оваа железничка линија… Во моменто сме во фаза кога можеме да го реализираме и проектот и да ја отвориме можноста за изградба на оваа линија, што подоцна може да се надополни со многу други проекти кои би овозможиле циркулација на стоки од пристаништето во Драч во целиот регион на Западен Балкан, при што Приштина би била главниот центар за дистрибуција на тие стоки, рече Алиу.

Тој појасни дека договорот кој е ратификуван денеска, а кој беше усогласен на заедничката седница на владите на Косово и Албанија, одржана на 20 јуни годинва во Приштина, има за цел прецизирање на процедурите и поделба на трошоците меѓу двете земји.

„За“ нацрт-законот гласаа сите 87 пратеници кои присуствуваа на денешната собраниска седница.