Собранието поддржа три законски решенија во прво читање

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 21. седница едногласно, со 60 гласа „за“ го поддржаа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, во прво читање и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.

Во образложението  заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини рече дека целта на измените и дополнувањата на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е уредување на стапката и основицата за пресметување на придонесот за задолжително здравствено осигурување на иселениците-државјани на Република Македонија кои примаат пензија или инвалиднина од странски носител на осигурување.

– Со овие законски измени ќе им се овозможи олеснување на лицата кои примаат пензија од држава со која Република Македонија нема склучено/преземено Договор за социјално осигурување или пак Република Македонија има склучено/преземено Договор за социјално осигурување, но во него не е регулирана можноста за остварување на правото на здравствено осигурување, во поглед на висината на придонесот за задолжително здравствено осигурување, рече Џеладини.

Појасни дека овие лица придонесот за задолжително здравствено осигурување ќе го плаќаат на износот на просечната плата во Република Македонија по општата стапка од 7,3 отсто.

Предложените измени и дополнувања на Законот со кои постојните стапки на придонесите од задолжително социјално осигурување ќе се применуваат и во наредните три години, ќе придонесат за стабилноста на системот на социјалните придонеси. Како резултат на предложените законски измени се очекува да се зголеми бројот на осигуреници-лица кои се приматели на пензија од странски носител на осигурување од држава со која Република Македонија нема склучено или превземено Договор за социјално осигурување во кој е регулирана можноста за остварување на правото на здравствено осигурување, кои ќе пристапат во системот на здравственото осигурување за време на нивниот престој на територијата на Република Македонија.

Собранието со 60 гласа „за“ го поддржа и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, во прво читање со кој се предвидува зголемување на надлежностите на Советот за јавни набавки.

Заменик министерот Џеладини посочи дека Предлогот за донесување закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки се заснова на начелата на транспарентност и рационално располагање на јавните средства и ќе придонесе за подобрување на процесот на јавни набавки и неговата транспарентност.

– Предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки се со цел да се прошири можноста Советот за јавни набавки да одлучува по барања за согласност и по други закони кои се поврзани со одредени услови за учество на субјектите, а согласно со овластувањата кои ќе произлезат од материјалните прописи, рече Џеладини.

Тој посочи дека се предвидува да се зголеми бројот на членови во Советот за јавни набавки од пет на седум, да се допрецизира ограничувањето за износот на договорите за одржување на софтверски решенија, како и да се воведат одредби за начинот на постапување на барањата за итно одржување седница на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

– Со измените се предвидува да се допрецизира процесот на распределба на предметите по случаен електронски пат во Државната комисија за жалби по јавни набавки и да се воведат соодветни прекршочни одредби, како и да се уреди подетално прашањето за анализа на пазарот, нагласи Џеладини.

Пратеникот Крсто Муковски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека во јавноста се говори дека ова законско решение многу често се менува, но, посочи, тој е жива материја и со него се уредува еден многу важен сегмент поради што е нормално да се усогласува често.

Тој истакна дека не е сигурен дали Советот ќе може навреме да одговри на сите барања со оглед што значајно му се зголемува надлежноста.

Едногласно со 64 гласа „за“ Собранието го прифати и Предлог законот за затворање на сметките кои се преземени  во Управата за јавни приходи од поранешната Агенција за работа со блокирани сметки на учесниците во платниот промет, чии иматели се субјекти кои по организациона форма не се трговски друштва или трговци-поединци, во прво читање.

– Така наречените „блокирани сметки“ се резултат на транзицијата од еден во друг систем на платен промет, која се спроведе пред 13 години. Предложениот закон  има за цел да обезбеди трајно завршување на преостанатите работи во врска со т.н. блокирани сметки на учесниците во платниот промет кои своите жиро сметки не ги пренесоа од Заводот за платен промет кај носителите на платниот промет до 31 декември 2001 година. За останатите субјекти кои имаат вакви сметки кои се водат во Управата за јавни приходи, а кои по организациска форма се трговски друштва или трговци-поединци, трајно завршување на работите со нивните блокирани сметки се постигнува врз основа на одредби од Законот за трговски друштва. Со трајно завршување на работите со блокираните сметки ќе се намалат тековните трошоци за нивно администрирање, одржување на ИТ-систем, ангажирање на човечки ресурси, а генералната придобивка ќе биде и расчистување со „виртуелни” сметки и утврдување на реалната состојба на економските субјекти во Република Македонија, рече Џеладини.

Тој посочи дека во Предлог законот е одредена постапката на затворање на жиро сметките на ваквите фирми.

– Со Предлог законот се обезбедува сигурност и стабилност во функционирањето на платниот систем на Република Македонија преку затворање на жиро сметките на субјектите кои по организациона форма не се трговски друштва или трговци – поединци а за кои не може да се спроведе постапка за нивно затворање по одредбите од Законот за трговски друштва и пренесување на преостанатите парични средства од блокираните сметки во Буџетот на Република Македонија, нагласи Џеладини.

Седницата ќе продолжи утре со расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, и Пердлог законот за вршење работи за застапување во царинските постапки, двата во прво читање.

На дневниот ред се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа, по скратена постапка, Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејност за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година и Предлог финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година.