Собранието повторно ја прескокна интерпелацијата на Оливер Спасовски

Собранието и денеска ја прескокна интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На 68-та седница на Собранието интерпелацијата беше трета точка на дневен ред.

Претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, рече дека поради тоа што во Собранието денес се закажани на неколку комисии, интерпелацијата ќе се одложи за друг ден кога ќе одлучат на координативен состанок пратеничките групи.

Дваесет и седум пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација против Спасовски поради поради тоа, како што се вели во интерпелацијата, министерот ја извршува крајно несовесно, нестручно, селективно и по насока на врвот на неговата политичка партија, а спротивно на Уставот и законите.

Тие во интерпелацијата ги набројуваат сите скандали кои го тресеа МВР во последните неколку месеци, како што се убиството на поранешниот фудбалер Мартин Јанушев, убиството пред седиштето на ДУИ во Мала Речица, исчезнатите лица и слични проблеми со кои се соочуваше МВР.

Спасовски во својот одговор до Собранието, вели дека ја наследил институцијата крајно партизирана со нарушен углед и огромна недоверба од граѓаните. Тој додава, дека денес раководењето со министерството се заснова на начелата на законитост, стручност, професионална етика, непристрасност, транспарентност и одговорност во работењето.