Собранието со нов состав, кои се новите пратеници?

Десет нови пратеници во македонскиот парламент ќе седнат на местата на оние кои беа кандидирани за градоначалници на неодамнешните локални избори. Засега се знаат имињата на осум, додека двајца дополнително ќе влезат во Собранието, бидејќи нивните места се ослободија по вториот круг на локалните избори.

Пратеничката група на СДСМ во македонското Собрание се надополни со пет нови имиња на местата на оние кои беа избрани за градоначалници. Вчера беа констатирани пратеничките мандати на Татјана Лалчевска, Анета Симевска Димовска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев и Костадин Костадиновски. Тие доаѓаат на местата на Петре Шилегов, кој стана градоначалник на Скопје, на Стефан Богоев кој ја води скопската општина Карпош, на Максим Димитриевски прв човек на Куманово, на Сашо Поцков кој ја освои Гевгелија и на Коста Јаневски, кој седна во градоначалничката фотеља во Струмица.

Движењето Беса има двајца – Биљал Касами, не победи на изборите во Тетово, но по неговата оставка од пратеничкото место на негово место дојде Неџбедин Кареманин, а Реџеп Мемеди го наследи Зеќирија Ибрахими.

Од ДПА има еден нов пратеник, а тоа е Мерал Узеири Ферати, кој доаѓа на местото на Бардиљ Даути, кој пак се откажа од пратеничката функција за да учествува во градоначалничката трка за Тетово, но не успеа.

Се чека и замената на двајцата нови градоначалници од вториот круг, поранешните пратеници Благој Бочварски од СДСМ кој стана градоначалник на Штип и Курто Дудуш, исто така од листата на СДСМ кој стана градоначалник на Шуто Оризари.