Собраниска комисија ќе расправа за одземање на мандатот на Груевски

Во 11 часот треба да започне според најавите седницата на собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања на која ќе се расправа за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски, кој повеќе од шест месеци е неоправдано отсутен од собраниските обврски.

Претседател на оваа комисија е Павле Богоевски од владејачката СДСМ,од кого опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара оставка поради скандалот со аудио снимката на која се слуша како пратеникот од листата на СДСМ нарачува „пола“ од нешто, кокаин или масло од канабис. Богоевски призна дека е тоа неговиот глас и дека тој на илегалниот пазар нарачувал масло од канабис за медицински цели.

Од МВР и од скопското обвинителство велат дека се водат некакви предистражни постапки за овој скандал и за тоа кој е „Илија Громовник“, псевдонимот на лицето кое ја објавил оваа снимка.

За одземање на мандат на пратеник потребно е двотретинско мнозинство, односно за тоа треба да гласаат 80 пратеници. Не се знае како ќе гласаат денеска пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на седницата на собраниската комисија. Се најавува дека членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ најпрво ќе бараат оставка од пратеникот Богоевски.