Собраниска седница во знакот на закони по скратена постапка

Собранието денеска на пладне ќе ја продолжи 15. седница на која на дневен ред е и Предлог на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за итно справување со ковид-19 во Северна Македонија, по скратена постапка.

Овој предлог закон претходно ќе биде на дневен ред на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.

По скратена постапка се и измените и дополнувањата на Законот за враќање на дел од ДДВ на физичките лица, на Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, на Законот за студентскиот стандард и дополнувањето на Законот за ученичкиот стандард.

На оваа седница пратениците ќе расправаат и за Предлог на закон за спречување и заштита од дискриминација, кој е во прво читање, како и измените на Законот за заштита на укажувачи, измените и дополнувањата на Законот за судските такси, на Законот за автокампови и на Законот за скијалишта.