Софтверот и документацијата не се уништени, уверува Спахија

Уништувањето на просториите на Инспекторатот за животна средина и просторно планирање претставува втор случај во текот на две години пожар да зафати државна институција.

Пред две години пожарот го уништи четвртиот кат на Министерството за правда. Но и по две години се уште не се познати причините. Прашавме во ОЈО, но не добивме одговор. Причините не се познати ниту за вчерашниот случај иако почетните информации велат дека причината е електричната инсталација.

“И денеска продолжува увидот. По собирање на материјалите, случајот преминува во ЈО“, известија од МВР.

Инвентарот се отстрануваше а се санираше и цевката од мрежата за греење. Се уште се чувствува мирисот на пожарот. Спасен е само софтверот бидејќи бил далеку и со тоа и извештаите кои биле сочувани онлајн. Ако владаат им обезбеди нови простории, Инспекторатот е подготвен да продолжи со работа од утре, вели директорот Фејзула Спахија.

„Ја имаме целата документација. Значи изгореа само канцелариите, компјутерите, софтверот не е оштетен бидејќи беше многу далеку. Целата евиденција е зачувана и ништо не е изгубено. Од утре ни е потребен простор и да почнеме таму каде што оставивме“, посочи Фејзула Спахија.

За опозицијата вчерашниот пожар и тој од пред две години се сомнителни. Велат дека ова е обид за сокривање траги од злоупотреба на извештаите од проекти на ЕУ. Обвиненијата се неосновани објаснува Спахија.

„Тоа што тие го велат е погрешно, ние немаме работа со проекти од ЕУ. Опозицијата може да зборува што сака, но тука нема ништо“, додава Спахија.

Од Министерството за животна средина известија дека  во пожарот што избувна вчера во 7 часот утрото,  уништени се три канцеларии на Инспекторатот и канцеларијата на Одделот за комуникација при министерството. Оштетени се и канцелариите на МИА.