Шолјите од бамбус испуштаат штетни материи во кафето

Шолјите од бамбус се сѐ попопуларни, бидејќи како што тврдат произведувачите се попогодни за природната средина и можат повеќепати да се употребат и не треба да се фрлаат како еднократните пластични чаши кога ќе се нарача кафе за носење, но тие според научнците се и штетни за здравјето.

Во едно неодамнешно истражување стручњаците утврдиле дека кафето испиено од шолјите направени од бамбус, често содржат значително количество меламин, а станува збор за опасна супстанција.

Германскиот магазин за испитување на расположението и заштитата на потрошувачите Stiftung Warentest утврдил дека повеќе од половината од бамбусовите шолји кои ги тестирале содржеле траги од штетна пластика. Тоа значи дека секој кој пие кафе од шолја од бамбус ја пие и опасната пластика.

Причината лежи во тоа што фино сомелените влакна од бамбус бараат одреден вид лепило кое се користи за шолјата да ја добие саканата форма, а виновник е меламинската смола. Доколку пластиката добро се обработи, и доколку никогаш не е изложена на темпаратура повисока од 70 Целзиусови степени, никакви количества штетни материи не се пренесуваат во пијалакот, велат научниците. Меѓутоа, предупредуваат, дека типичната температура на кафето надминува 70 степени кога се налева во шолјата.

Формалдехидот, втората состојка пронајдена во ваквите шолји, може да ги надразни очите, кожата и системот за дишење, па дури и да предизвика рак. А постојат сомневања дека меламинот може да биде виновник за болестите на мочниот меур и бубрезите.

Авторите на ова истражување ги критикуваат производителите поради мамење на потрошувачите. Некои производители, имено, наведуваа дека нивните шолји се биоразградливи. Меѓутоа, тоа не се однесува на шолјите кои се збогатени со пластика. Рециклирањето, исто така, е отежнато, бидејќи мешавината не може да се разгради на состојките.

Оттаму, заклучокот е дека е подобро потрошувачите наместо шолја од бамбус, да купат повеќекратна шолја од некој друг материјал, на пример, од инокс, порцелан или полипропилен.