Солза Грчева ја формираше партијата Глас за Македонија

Поранешната пратеничка на СДСМ, Солза Грчева во неделата ја промовираше новата партија „Глас за Македонија“, која ќе дејствува опозициски.

Во скопскиот хотел „Александар Палас” се одржа основачкото Собрание на кое и официјално беше формирана партијата. Грчева важи за силен критичар на актуелната власт под водство на нејзината претходна матична партија.

„Првите денови се разбира ќе се бориме со нашите најжестоки проблеми, а тоа е да си го зачуваме Уставното име. Ќе бидеме вклучени на секаков можен начин. Јас и како дел од интелектуалците бев вклучена, но и Глас за Македонија секако ќе се вклучи”, рече Грчева.

Формирањето на партијата Грчева го најави уште кон средината на минатата година кога преку социјалните мрежи ги повика сите заинтересирани граѓани да се приклучат кон иницијативата, и да го дадат својот потпис за основање на партијата.

„Благодарам на сите прекрасни луѓе кои денес беа дел од Основачкото Собрание на ГЛАС за Македонија. Ќе работиме сите заедно да си ја направиме нашата земја најубаво место за живеење. Знаеме, сакаме и можеме!“, напиша Грчева на социјалните мрежи.