СОНК се премислува околу понудата на МОН

Министерот за образование и наука Арбер Адеми изјави дека го чека одговорот од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за предлогот платите во образованието да бидат зголемени за нови 10 отсто од април 2020 година.

На СОНК тоа му беше предложено на 8 октомври на средба во Владата помеѓу премиерот Зоран Заев и министерот Адеми со лидерот на СОНК, Јаким Неделков. Синдикатот соопшти дека ќе одговорат откако ќе ги добијат мислењата од членството преку нивните регионални организации. Се очекува конечната одлука да биде донесена на седница на Советот на СОНК овој петок.

– Очекувам од СОНК финален одговор, па да седнеме заедно, зашто само со дијалог ќе дојдеме до решение, а дијалогот не недостасува. Имаме одличен социјален дијалог. СОНК е еден од нашите најголеми партнери – и при креирање на политиките и реформите, и при нивната имплементација. Ќе бидеме во комуникација и со разумен дијалог ќе можеме да најдеме решение за каков било предизвик. Покачувањето од април што го предложи Владата е усвоено и како информација на владина седница. Ние придонесовме за историско најголемо покачување досега на платите во дејноста образование – изјави министерот Адеми денеска, одговарајќи на новинарски прашања пред состанокот на работната група за концептот за инклузивно образование.

Во првата изјава по предлогот од Владата, претседателот на СОНК Неделков рече дека според првичните реакции, членовите не се задоволни што зголемувањето ќе биде 10, а не 25 отсто како што бараат тие. Сметаат и дека зголемувањето треба да биде од 1 јануари, а не од април.

Во изјава за медиумите министерот Адеми го коментираше и денешниот протест од еден час најавен од студенти и професори од Институт за хемија на Природно-математичкиот факултет, кои бараат подобри услови за работа и вработување млад кадар. Тој рече дека за овој Институт имаат доставено барање до Министерството за фианснии за нови вработувања.

– Во континуитет даваме согласности за високообразовните установи, вклучувајќи го и УКИМ. Од тој Институт сме имале барања и сме дале согласност. Се работи за двајца асистенти и за тројца виши лаборанти и очекуваме Министерството за финансии позитивно да одговори на барањето. Се согласувам дека и тоа не е доволно и секогаш може подобро и повеќе да е направи. Се надевам дека предизвиците од овој карактер ќе бидат надминати секаде, не само во Институтот за хемија, туку во сите универзитетски единици – додаде Адеми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.