СОНК во Куманово собираше луѓе со списоци во рака

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска на пладне одржа протест пред министерството за образование на кој присуствуваа околу 400 лица, голем дел донесени со организиран превоз од останатите градови.

Автобуси со штрајкувачи имаше и од Куманово. Според информациите, од овој град на протест во Скопје тргнале 5 автобуси, а пред тргнувањето присутни биле повеќе луѓе со списоци во рака кои проверувале кој дошол, а кој не да биде дел од протестот.

На собирното место присутни биле и лица кои во кумановската јавност важат за опозициски активисти, кои ги пребројувале присутните.

Слична ваква ситуација како во Куманово беше забележана и во Струмица, каде локалната власт е во рацете на опозицијата. Таму, хотелот „Тивериопол“, кој во јавноста важи дека е во сопственост на семејството Заеви, беше собирно место за протестот на СОНК.

Во Струмица, пред споменатиот хотел „Тивериопол“ се забележувале лица со списоци кои ги пребројувале присутните, како и луѓе блиски до СДСМ и нивни членови кои собирале луѓе и телефонирале за што е можно поголема масовност.