Сообраќајот умерен, зимската опрема задолжителна

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата, соопшти Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Од 15 ноември стапи во сила законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на временската состојба, а сезонски е затворен патот Трпејца – Царина низ националниот парк Галичица.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.