Соочување со срамот: човекови права „à la carte“

Фондацијата „Фридрих Еберт“ му ја додели наградата за човекови права на Зоран Заев. Заев е награден за „личната посветеност кон Договорот од Преспа и неговите проевропски заложби за слободно и отворено општество. После многу години авторитарен регрес во регионот, Зоран Заев лично претставува промена на насоката што им дава надеж на прогресивните сили во регионот“. Новата „икона“ на демократијата и човековите права во Македонија е родена.

Чудни некои европски вредности. Човекот кој ќе јадеше живи луѓе, кој го е** народот и името на сопствената држава, кој приватноста во Македонија ја сведе на обично малограѓанско воајерство, а правдата на диригиран и контролиран политички линч, кој се испазари со нејзината историја, кој ја погази волјата на својот народ, одеднаш станува синоним за човековите права. Чудно е како луѓе со сомнителен морален авторитет стануваат авангарда во практикувањето на човековите права и синоним за слободно општество, врз основа на искривена диоптрија за демократијата и човековите права.

Камо да бевме сериозна држава со сериозни државни институции, истражувачко новинарство, интелектуален потенцијал и вистински граѓански сектор, сето ова немаше да ни се случува. Вака луѓе без принципи не’ удавија во нивните глупости и лаги. Не вшмукаа во нивните демагошки пароли и голи фрази, зборови без содржина за демократијата и човековите права. Зарем оној за кого правата на граѓаните беше и остана само транзит кон власта и кој успеа да го вулгризира и разгради вредносниот систем кој ги опкружуваше правата на поединците да ми го промовираат во „икона“ на човековите права и слободното општество? И, во што сега да верувам?

Ваква манипулативна идеолошка кампања во однос на човековите права непосредно пред парламентарните избори, неспорно има за цел да ја оправда интервенцијата од надвор во процесот на обезличување на македонската нација и преуредувањето на нејзиниот политички поредок. Зарем ова не е директно мешање и посредно влијание на изборите? Ми се чини дека прашањето за човековите права и демократијата, од перспектива на германската фондација не е ништо друго туку алатка за манипулација за политички цели и наметнување стандарди за човековите права на „домородни“ народи, игнорирајќи ја нивната сувереност и еволуцијата на значењето на демократските права во последните два и пол века.

Наместо итно да се заштити демократијата и човековите права од ваков сомнителен политички подвид, истиот се наградува и промовира. За жал, човековите права станаа детергентот со кој некој се обидува да испере нечија нечиста совест. Затоа потребно е да се демаскираат лагите, измамите и хипокризијата на ваквите награди во лажни кампања за човекови права и да се дискредитираат нејзините автори и нејзините придружни политички грешки во очите на луѓето. За доброто на човековите права и демократијата.

Денеска барем се’ се гледа. Не можете веќе да си играте со народот и толку да го потценувате. Доста му  е од оние што сакаат да глумат господари на вашите животи и вашите судбини. Доста е од ароганција и потценување на здравиот разум на овој народ. Помина времето на „навивање на часовниците“. Како и на вакви и слични награди. Зарем стварно уште мислат дека има луѓе во оваа јадна Македонија што не размислуваат. Кои не го анализираат она што се говори и прави под превезот на демократијата и човековите права. Искрено, за тоа што направија и не треба некоја посебна анализа. Ни го прaвеа и порано, ни го прават и денес. Без никаков срам.

Бесрамните се скоро целосно имуни на злоупотребите или политиките на кршење на човековите права, ако имаат одреден политички интерес што треба да се истурка во земјава. Едноставно, наградата за човекови права е изговор за молк кога демократијата и човековите права се жртвуваат за да се обезбеди стратешки интерес, или се поддржи добар и  корисен политички клиент за реализација на тој интерес. Ова е западната стратегија за човекови права „à la carte“. Стратегија на двојни стандарди аплицирана во практика, што треба да задоволи туѓи интереси. Селективна кампања за селективна политика.

Со децении нашата земја е на мета на оние кои си поигруваат и ги диригираат човековите права од зад стаклото на манипулативната командна станица на моќните, со цел да ги насочуваат политичките процеси и имплементираат својот интерес во земјава и регионов. Можете луѓето да ги „спремате од надвор“ и да ги направите лидери за одредена цел и одредено време. Но, не можете да ја смените нивната вистинска природа, нивната коруптивност и нивната фрустрација, како ни идеолошкиот вакум во кој се обидуваат да го сместат концептот за за човековите права. Наместо да ги соочите со срамот, се создаваат лажни „икони“ на човековите права. Лажни икони за фингирана демократија и човекови права. И оди после одмолчи го срамот.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес