Сопругата на Макрадули добила тендери за 90.000 евра

Компанијата „ОПЕН МАЈД СОЛУШНС ДООЕЛ – СКОПЈЕ“ во која еден од сопствениците е Маја Макрадули, сопруга на заменик министерот за животна средина Јани Макрадули по доаѓањето на СДСМ на власт, добила тендери со вредност од 5.417.808 денари (88.094 евра), покажува истражувањето на Економски Лидер.

„ОПЕН МАЈД СОЛУШНС ДООЕЛ – СКОПЈЕ“ според проверката во Централниот регистар е компанија која се занимава со изработка и одржување на софтвер. Формирана е во 2010 година и има четири сопственици. Како сопственици се јавуваат 46-годишниот Дарко Мадевски, 42-годишниот Ласко Касапинов, 70-годишниот Аксенти Грнаров и 43-годишната Маја Трендафилоа – Макрадули.

Генералната слика, според анализата на „Економски Лидер“ на завршните сметки на компанијата е дека во просек компанијата годишно има прилив од околу 10 милиони денари, но, за „ОПЕН МАЈНД“ работите рапидно се менуваат по доаѓањето на СДСМ на власт. Само за година ипол, надвор од стандардните припања – компанијата добила тендери во вредност од 5.417.808 денари, односно сума која дава зголемување за повеќе од 50 отсто на просечните примања на компанијата.

По доаѓањето на СДСМ на власт, оваа компанија има добиено вкупно девет јавни набавки од кои три се добиени без тендер или електронско надавање, во четири очи.

Двата најскапи тендера, фирмата на сопругата на Макрадули ги добила од „Јавно претпријатие за државни патишта“, за истата намена „Превентивно и адаптивно одржување на ЕРП софтвер во времетраење од две години“. Едниот е во вредност од 2.265.600 денари а другиот тежи 1.038.400,00 денари.

„ОПЕН МАЈНД СОЛУШНС“, во четири очи добивала набавка од „Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој“. Во три наврати, во изминатиот период се склучил договор за „Адаптивно, односно превентивно одржување на софтверско решение за сметководство и исплати, во делот на мониторинг и ревизија“. Сумите за овие договори варираат од 350.000 до

600.000 денри.

 

Клиенти на фирмата на фирмата на Макрадули биле и од „Национална агенција за европски образовни програми и мобилност“ која ја води Лидија Димова поранешна колешка на Јани Макрадули во Собранието и „Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија“.

Вкупно, од сите овие институции, „ОПЕН МАЈНД СОЛУШНС“ инкасирале околу 90.000 евра.

 

Макрадули не ја пријавил фирмата на сопругата во анкетниот лист

Како што веќе спомнавме, еден од сопствениците на „ОПЕН МАЈНД“ е Маја Трендафилова – Макрадули која од 2005 па наваму е сопруга на сегашниот заменик министер за животна средина и просторно планирање. Сопругот на Маја веќе долги години е на висока политичка функција. Претходно беше пратеник а сега е заменик министер за животна средина и просторно планирање.

Симптоматично е тоа што сегашниот заменик министер, во неговиот анкетен лист поднесен до „Државната Комисија за Спречување на Корупција“, пријавил дел од имотот на неговата сопруга, но не пријавил во која компанија поседува удел односно во „ОПЕН МАЈНД СОЛУШНС“, која очигледно по доаѓањето на СДСМ на власт има солидни приливи од државата.

Анкетниот лист на Јани Макрадули