Сопругата на водачот на мексиканскиот наркокартел Ел Чапо останува во притвор

Американски федерален судија денеска одлучи сопругата на водачот на мексиканскиот наркокартел, Хоакин Ел Чапо Гузман, да остане привремено во притвор, откако беше уапсена и обвинета за помагање на нејзиниот сопруг да го води картелот, а учествувала и во бегството на Ел Чапо од мексикански затвор во 2015 година.

Ема Коронел Аиспуро (31), сопругата на Ел Чапо и поранешна мис, беше испрашувана преку видео врска пред истражна судијка во Вашингтон, а одлуката на судијата следуваше откако нејзиниот адвокат Џефри Лихтман изјави дека се согласила да биде привремено задржана по синоќешното апсење на меѓународниот Аеродром Далес во државата Вирџинија.

Судијката Робин Мериведер и го прочита обвинението на осомничената, која и се обраќаше на судијката со помош на преведувач.

Мериведер рече дека обвинителството обезбедило доволно причини Ема Коронел засега да остане зад решетки и додаде дека нејзиниот адвокат се согласува со таа одлука.

Сопругата на Ел Чапо беше уапсена синоќа во американската сојузна држава Вирџинија, соопшти американското Министерство за правда.

Ема Коронел Аиспуро (31), која има двојно – американско и мексиканско државјанство, е обвинета за учество во дистрибуција на кокаин, метамфетамин, хероин и марихуана во САД, а наводно на 11 јули 2015 се здружила со уште неколку лица за да му помогне на Ел Чапо да избега од затворот Алтиплано, во Мексико.

Таа веќе била уапсена во Мексико, во јануари 2016 година, под сомнение дека планира да му помогне на нејзиниот сопруг повторно да избега, пред да биде испорачана во САД во 2017 година.

Ел Чапо издржува затворска казна во САД, откако судот во источниот округ на Њујорк го осуди на доживотен затвор.