Сопствениците на ноќни клубови најавија граѓанска непослушност и своеволно ќе ги отворат следниот викенд доколку Владата остане глува на нивните барања

86

Сопствениците на ноќни клубови во средата вечерта од состанокот во Штип најавија граѓанска непослушност и дека доколку Владата остане глува на нивните барања за отпочнување со работа, своеволно ќе ги отворат клубовите, започнувајќи од наредниот викенд.

На состанокот присуствуваа претставници на 20 ноќни клубови.

Горан Арсовски, претставник на Здружението на ноќни клубови, изјави дека одлуката ја носат како резултат на „целосната дискриминација на ноќните клубови од страна на власта“ и како што вели, по неколкуте неуспешни обиди за состанок со нејзини претставници, на кој би се дискутирало за нивниот опстанок.

„Најпрво да се избегнат манипулациите и спинување на вистината, како и претставувањето на ноќните клубови, како причинители за ширењето на заразата, би сакале да ја информираме јавноста за целиот тек на настаните од започнувањето на пандемијата. Ноќните клубови во затворен простор во Македонија се единствените од целиов регион и од целиот свет кои со одлука на Влада се во целост затворени и не работат повеќе од 19 месеци. Единствено кај нас не се најде начин и решение да работат со соодветни протоколи за работа“, тврди Арсовски.

Посочи дека „се останато си работи нормално“, како воопшто да нема коронавирус, а помали капацитети од нивните со доста понебезбедни услови од условите што тие можат да ги обезбедат ја превземале улогата на организатори на забави.

„Финансиска помош, како најпогодени од оваа пандемија немаме никаква и сме принудени секој сам од себе, како знае и умее да ги сервисира режиските трошоци, како и ратите од дадените кредити од развојна банка, кои беа понудени како помош, кои дојдоа на ред да се плаќаат, а ние се уште не работиме. Сакаме да ја информираме јавноста дека за сите овие 19 месеци во кои не работиме, Владата ни даде минимална финансиска помош која се однесуваше само за два месеци. Ние сакаме да започнеме со работа со соодветни протоколи, во иста мера ригорозни како останатите кафе барови и ресторани, односно со 50 отсто од капацитетите на објектите и само со лица кои поседуваат сертификат за имунизација, односно вакцинирани лица и доказ за прележани од Covid| -19 во изминатите 30 дена“, рече Арсовски.

Сопствениците на ноќни клубови забележуваат дека не ја гледаат логиката граѓаните да се вакцинираат, а тие повторно да се затворени.

„Како и што не ја гледаме логиката секојдневно да сведочиме на забави и „евенти“ кои се одржуваат во кафе барови, кога единствената разлика е во работното време, а ние да не можеме да работиме иако секоја година плаќаме лиценци и сме специјализирани за тоа. Во летниот период се дозволија одржување на настани и работа на летните дискотеки по што се покажа дека со почитувањето на соодветни протоколи, работата на летните дискотеки, воопшто немаше удел во покачување на бројките на новозаразени, што директно укажува на фактот дека ние не сме причинители на ширењето на заразата“, додаде Арсовски.

Според сопствениците на ноќни клубови, изминатите неколку седмици во текот на изборната кампања на митинзите имаше присуство на илјадници граѓани, а каде, како што велат, не постоеше никаков безбедносен протокол, ниту во делот на присуство на имунизирани лица, ниту во делот на носење на маски, ниту пак во делот на одржување на физичко растојание.

„Па би сакале да ја прашаме власта која е логиката за ние да не заслужуваме да добиеме протокол за работа, а политиката да не страда и да собира по илјадници лица на едно место. Ја известуваме власта и Комисијата за заразни болести да престанат со селективното однесување како воопшто да не постоиме и во текот на оваа недела да ни дадат термин за состанок на кој ќе се разговара за нашето работење. Во спротивно ќе бидеме принудени по пат на граѓанска непослушност да ги отвориме клубовите, за што би можеле да одговараме кривично, како да сме криминалци, а не бизнис субјекти кои бараат излез од целава ситуација да преживеат, да опстанат, да работат и да плаќаат даноци“, порачаа членовите на Здружението на ноќни клубови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.