Сопственикот на објектот во ТЦ Мавровка најавува тужба против премиерот Заев

Не градев нов објект туку го обновував изгорениот објект, кој предходно беше со метална конструкција, имав одобрение за обнова на објектот, рече сопственикот на објектот пред ТЦ „Мавровка“ кој денеска се урива, Мевљудин Алити.

Според него во таков случај не било важно со каков материјал ќе се обнови објектот, само да не излегува од постоечката површина.

„Нека руши државата како што е научена да руши. Ми ги остави вработените без плата, семејството без леб“ додаде Алити и најави дека на суд ќе ја бара правдата, а ако треба ќе се жали и во Стразбур.

Откако утринава јавното претпријатие „Македонијапат“ почна со уривањето дивоградбата кај трговскиот ценатар „Мавровка“ по налог на Владата, прес-конференција пред објектот одржа сопственикот Мевљудин Алити на којашто истакна дека имал легално право да го обнови својот објект и дека на суд ќе бара отштета за уривањето.

Притоа еден од неговите адвокати праша по која основа премиерот Зоран Заев може да ѝ даде помош на Општина Чаир без таква да биде побарана.

„Во груево време имаше рушење на ‘Космос’ по телефон со бомби. По кој основ премиерот може да даде помош на општината без да биде побарана. Зошто Општина Охрид кога бара помош за рушење на дивоградбите никој не им ја дава. Ова нека биде позитивен пример, нека оваа влада си ја заврши работата во сите општини. А за оваа општина и овој објект постојат институции, постои документација. Ќе одиме на суд, ќе си бараме оштета. Тој има легално право да си го обнови објектот“, рече правниот застапник на Алити.

Во однос на дозволата за градење, Алити и неговиот адвокат се повикуваат на член 76 од Законот за градба, со појаснување дека за обнова на објектот нема потреба од дозвола за градба. Вели дека дека во Катастар е впишан објект од 330 метри квадратни, и дополнителни 86 квадрати. За оваа парцела тој има елаборат и објектот е легализиран како деловен објект, статус што го имало кафулето пред да биде запалено пролетва и да изгори до темел.

Самиот  Алити тврди дека не треба да бара одобрение за градба за обнова на објект кој што претходно го легализирал. Кажа и дека му платил на градот 4,7 милиони денари за легализација на објектот и дека на Општина Чаир ѝ доставил елаборат и проект и не знае зошто градоначалникот Висар Ганиу велел дека не знае кој гради.

„Според законот, за обнова на објект треба само да се достави проект и елаборат. Јас тоа го направив пред да почнам да градам. Нема никакво ограничување со што ќе го обновам објектот кој сум го легализирал. Според проектот, станува збор за објект само со приземје, немаше да кревам втор спрат, тоа ќе беше покривот” рече Алити, приложивајќи ги проектите.

Рече и дека  досега не излегол во јавноста оти станувало збор за приватна инвестиција. Додаде и дека тој не го пресекол дрвото пред кафулето и праша зошто уште не е откриено кој му го запалил објектот на 10ви мај.

„Ќе тужам, не само пред домашни судови, дури и пред Стразбур”, повтори Алити.