Соработката меѓу центрите за вработување и центрите за социјална заштита – клучна за активацијата на ранливите групи граѓани на пазарот на труд

385
Наташа Здравковска, Проектен координатор

За проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, финансиски поддржан од Европската Унија, кој од септември 2019 година го спроведува Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и е со времетраење од 36 месеци, разговараме со проектниот координатор Наташа Здравковска. Општата цел на проектот е да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантиран минимален приход, со ефективно вклучување на ранливите групи, особено корисниците на гарантирана минимална помош на пазарот на трудот, преку нивно вклучување во специјализирани програми и услуги за развој на вештини.

Спроведувањето на проектните активности предвидува намалување на невработеноста и зависноста од гарантирана минимална помош (ГМП) за ранливите групи. Кажете ни нешто повеќе за проектот и какви активности преземате за да се реализира поставената цел?

Креирањето на ваков тип проект во 2019 година беше голем предизвик за Агенцијата за вработување и претставуваше одраз на социјалната реформа во државата, со цел најзагрозените категории од сиромаштија, односно тие кои со години биле неактивни и под социјална заштита, да се активираат и да се вклучат на пазарот на трудот. Со проектот, освен вклучување на лицата во дел од активните мерки за вработување, предвидени се и услуги за советување и мотивација (СИМ програма), преку психосоцијална и менторска поддршка за лицата да се охрабрат и полесно да се вклучат на пазарот на труд. Во рамки на споменатата реформа, многу значајно за реализација на нашиот проект, беше поставувањето и одвивањето на процесот за активација на ГМП корисниците, уреден со законски акт (Правилник за соработка), при што клучна улога за селекција и насочување на лицата ја имаат центритe за социјална работа и секако, центрите за вработување. Токму тоа беше и појдовна точка за проектниот тим да интервенира и влијае за поуспешна соработка меѓу институциите и за поголем број квалитетно селектирани лица, потенцијални учесници во рамки на проектните активности. Во изминатите две години беа реализирани бројни состаноци и во редовна комуникација со центрите, во рамки на проектот, вклучени се повеќе од 1500 лица корисници на ГМП, од кои најмалку 5% веќе се вработени. Во однос на СИМ програмата, избрани се спроведувачи, преку кои со ангажман на стручни лица – психолози и ментори, во неколку фази се одвива поддршка на ГМП лицата, пред и по вклучување во некоја од активните мерки за вработување или обука. СИМ програмата е првата компонента на проектот, како подготвителна активност за втората компонента – вклучување на пазарот на трудот преку обуки и вработување, со која се опфатени четири активни мерки, кои се реализираат од Агенцијата за вработување: Обуки за побарувани занимања, Обука кај познат работодавач, Практиканство и Субвенционирано вработување. Проектниот тим, во соработка со колегите од агенцијата и од сите 30 центри за вработување, го координира целиот процес – од активација на лицата до нивното вклучување во некоја од активните мерки.

Каков е интересот на целната публика за овие мерки – се интересираат ли граѓаните од ранливите групи за поддршката преку проектот?

Се очекуваше поголем интерес од страна на ГМП корисниците како целна група на проектот и ранлива категорија на граѓани, за чија поддршка и беа дизајнирани и прилагодени проектните услуги и мерки. Сепак, поставеноста на работите на терен беше многу покомплексна во однос на претпоставената. Требаше време да се дојде до лицата, да им се образложат придобивките и да се мотивираат да се вклучат, што се покажа како голем предизвик и за проектниот тим и за вработените во сите центри за вработување и во центрите за социјална работа. Работите дополнително се усложнија и отежнаа со пандемијата на ковид-19 и целосно изменетиот начин на живеење, со сите ограничувања кои ковид мерките ги донесоа во секојдневието. Гледајќи ретроспективно, од овој момент, степенот на реализација на услугите и мерките опфатени со проектот не е на очекуваното ниво. И покрај тоа, значајно е да се забележи дека во делот на услугите, за прв пат беше спроведена нов вид поддршка, како пилот програма на Агенцијата за вработување (СИМ програма), која подразбира советување и мотивација преку психосоцијална поддршка, од страна на стручни лица-психолози и менторирање спроведено од страна на стручни лица-ментори. Во рамки на оваа поддршка вклучен е значаен број на ГМП корисници (околу 1000 лица). Тие соодветно се охрабрени и поддржани преку психосоцијални и менторски сесии, согласно планираниот број сесии во проектот и секако, согласно нивните потреби. Иако овие услуги не даваат мерливи резултати веднаш, влијанието кое го имаат е на подолг рок и позитивно влијаат на промена на менталниот став на ГМП корисниците како ранлива категорија.Од друга страна, реализацијата на целните бројки во однос на активните мерки за вклучување на ГМП корисниците на пазарот на трудот или обуки за подобрени вештини, беше отежнато во голема мера, пред сé поради настанатите влијанија на економијата и ситуацијата во стопанството, поради пандемијата, како и поради сите ограничувања кои ги донесоа ковид мерките (карантини, изолација, потврди за вакцинација/имунизација, редуциран број учесници, ограничувања на настани со физичко присуство итн.). Може да заклучиме дека проектниот тим, во извонредно тешки услови, на сите можни начини, сепак постигна одредено ниво на активација и вклучување на ГМП корисниците, како и подобрување на нивото на соработка помеѓу центрите за вработување и центрите за социјална работа.

Може ли да објасните на кој начин доаѓате до ранливите групи граѓани?

Како што споменав, соработката која ја воспоставивме и координиравме, помеѓу центрите за вработување и центрите за социјална работа, беше појдовна точка за подобра реализација и вклучување на ГМП корисниците во проектните активности. Центрите од двете институции работеа според процедура регулирана со постоечки правилник за соработка, донесен во 2019 година, во согласност со новиот Закон за социјална заштита. Улогата на проектниот тим беше да воспостави комуникација и координација на стручните лица од двата центри и да ги поттикне заеднички да соработуваат и селектираат лица од ГМП домаќинствата, како најлесно вработливи лица. ГМП лицата селектирани на тој начин, како најсоодветните кандидати, беа вклучувани во дел од проектните услуги или мерки. Самиот процес на соработка помеѓу центрите беше унапреден во 2021 со воспоставување систем за електронска размена на податоци помеѓу институциите, што го подобри квалитетот на процесот на селекција и овозможи негова поголема ефикасност.

Што се очекува како ефект по реализацијата на проектните активности?

Повратните информации, кои се добиваат по имплементација на проектните активности, даваат многу повеќе детали за оваа ранлива категорија лица, за нивниот став, менталитет, уверувања и предрасуди на основа на кои функционираат и живеат. Согласно на тоа, во иднина ќе се прилагоди пристапот на двете институции, а ќе се прилагодат и самите активни мерки и услуги, за постигнување подобри резултати на терен. Значајно е што преку проектот, а посебно преку пилот програмата за советување и мотивација, кај голем дел од лицата кои што беа поддржани, има промена во однос на довербата кон институциите, промена на перцепциите во однос на вклучувањето на пазарот на трудот, а се наѕираат и резултати од процесите за мотивација и поттикнување на амбиција за кариерен развој. Во целиот период на реализација на проектот, од друга страна, проектниот тим и вработените во центрите за вработување, беа соочени со стереотипите и стигматизацијата, кои сé уште се многу многу присутни во широката јавност, а нагласени кај работодавачите. Тое е сегмент на кој во иднина треба интензивно и систематски да се пристапи и работи. Во крајна линија, активацијата на граѓаните од ранливите категории на пазарот на трудот, треба како потреба и процес да биде добро образложена, разбрана и прифатена, пред сé од самите работодавачи, а потоа и пошироко.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.