Соработникот на Лидија Димова призна вина, таа не – ќе им се суди одвоено

Обвинетата поранешна директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, како и третообвинетата Ана Павлиду на денешното судско рочиште се изјаснија за невини за делата „злоупотреба на службената положба и овластувањето“ и „измама“ што им се ставаат на товар. Второобвинетиот Александар Гочев, кој се товари за кривично дело „измама“, се изјасни за виновен, по што судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска ги раздвои двете постапки.

На судењето не присуствуваше адвокатот Петре Шилегов, бранител на Гочев. Судијката му посочи дека со оглед на казната што му се заканува за делото, има право да даде изјава во присуство на бранител. Ова е второ рочиште што се одржува за овој случај.

Обвинителката Сузана Мирческа-Кузмановска поднесе обвинителен акт против Димова, против Гочев, тогашен нејзин близок соработник, и Павлиду, пензионира благајничка во институцијата. Според обвинението, сите тројца проневериле пари од европската заедница.

Димова се гони дека со намера за друг да прибави имотна корист, спротивно на Законот за јавните набавки, ангажирала соработници во Агенцијата без да објави оглас, а меѓу нив е и ангажирањето на Зоран Златковски. Истовремено, Димова се гони и за исплаќањето издатоци за службени патувања. Обвинителката бара одговорност од Димова и за склучени договори за јавни набавки без објавен оглас.