Сорос финансира кампања против Брегзит

Американскиот берзански шпекулант Џорџ Сорос дал 453.000 евра на британска организација којашто заговара останување на Обединетото Кралство во Европската унија и ќе се обиде да влијае врз гласањето на британските пратеници за завршниот договор за Брегзитот, изјави во четвртокот нејзиниот претседател.

„Преку својата фондација уплати 453.000 евра“, изјави поранешниот британски министер Марк Малох-Враун, претседател на организацијата „Best for Britain“.

Споменатата организација конзервативниот дневен весник The Daily Telegraph, чиешто уредништво го заговара британското истапување од ЕУ, ја обвинува дека „се здружи за да испланира уривање на Брегзитот“. Весникот пишува дека „кампањата за уривање на Брегзитот“ на национално ниво ќе биде покрената кон крајот на февруари, за да се „организира втор референдум и да се изгласа останување на Велика Британија во ЕУ“.

„Многумина се разочарани“ од Брегзитот, изјави Браун за британскиот јавен сервис BBC во четвртокот. Кампањата би требало „да ја покрене јавноста поради останување на Велика Британија во ЕУ за (пратениците) да бидат свесни за промената на јавното мнение кога парламентот ќе гласа“ за завршниот договор за Брегзитот.

Џорџ Сорос на Светскиот економски форум во швајцарски Давос кон крајот на јануари предвидуваше дека британската премиерка Тереза Меј нема долго да остане на власт и тврдеше дека Британците „не се свесни“ за финансиските последици од Брегзитот.

„Сегашната економска состојба не е толку лоша, како што се предвидуваше, тие живеат во надеж, но како вредноста на валутата ќе паѓа а инфлацијата ќе стане погонска сила, е паѓа животниот стандард“, обраложи американскиот милијардер од еврејско-унгарско потекло.

„Тоа нема да оди брзо, но кога ќе се случи ќе сфатат дека заработуваат помалку од претходно, бидејќи платите нема да растат со исто темпо како и животните трошоци“, оцени Сорос.