Состојба со Ковид-19 до 10 часот

22

Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.854.043 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 114.290, а излекувани се 427.879 луѓе.

Вашингтон – Американскиот центар за контрола и спречување на болести соопшти дека во САД досега се регистрирани 525.704 случаи на коронавирус и дека 20.486 починале.

Мексико Сити – Вкупно 422 нови случаи на заразени со коронавирус и уште 23 мртви се потврдени денеска во Мексико , со што вкупниот број на жртви се зголеми на 296.  Вкупниот број на пациенти во оваа земја изнесува 4.661.

Осло – Во Норвешка досега заболеле 6.489 лица од коронавирус, додека 128 починале, соопшти денеска норвешкиот Институт за јавно здравје. Властите ја затворија границата за странци, а засега се уште не работат училиштата, колеџите и градинките.

Киев – Во Украина во последните 24 часа бројот на новозаразени од коронавирус се зголеми за 325 лица, или сега има вкупно 3.102 заразени. Досега починаа 93 лица, соопшти украинското Министерство за здравство.

Париз– Француската армија денеска почна досега невидена операција на истоварување и изолирање на 1.900 морнари од носачот на авиони „Шарл де Гол“, што доплови до Тулон претходно од планираното поради заразата од коронавирус.  Вкотвувањето минало  без никакви проблеми, соопштија француските воени власти.

Франкфурт – Бројот на потврдени нови случаи на коронавирус во Германија е зголемен за 2.537, со што вкупно сега има 123.016 заразени лица, покажуваат најновите податоци на Институтот за инфективни болести „Роберт Кох“. Веќе трет ден по ред бројот на нови пациенти во Германија опаѓа. Во последните 24 часа умреле 126 лица, со што вкупниот број на жртви изнесува 2.799 лица.

Мадрид –  Шпанија од денеска дозволува дел од фабриките повторно да се отворат и продолжат со работа. Производствените и градежните компании се отвараат и ќе им биде дозволено да работат со максимални безбедносни мерки.

Пном Пен –  Како земја без смртни случаи од коронавирус и со само неколки стотици заразени Виетнам доби пофалби од Светската здравствена организација (СЗО) и  послужи како пример за земја која успеа да спречи пандемија.

Виена  – Двајца свештеници починале од коронавирусот во манастирот на редот Саласијанци „ Дон Боско“ во Амстестен. Според католичката агенција Катпрес, двајцата починати биле свештеници од висок ред. Голем број монаси во манастирот се заразени со вирусот, а некои се префлени во болница, додека другите се на домашно лекување, во изолација.

Загреб – Во Хрватска се регистрирани 1.600 луѓе заразени со коронавирус. Од вчера има 66 новозаболени,  а две починаа, со што вкупниот број на жртви во оваа земја сега изнесува 23 лица.

Подгорица  – Во Црна Гора се регистрирани пет нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на пациенти се е 272.

Сараево – Во Федерацијата Босна и Херцеговина во текот на последното деноноќие се потврдени уште пет нови случаи на коронавирус.         Четворица од новозаразените се од Завидовиќи и едно од сараевската општина Нови Град. Во БиХ до моментов има  1.014 лица со позитивен наод на коронавирус.

Софија– Во Бугарија досега се заразени 676 лица Ковид-19. Во главниот град има само четири нови случаи, но загрижува што 36 лица се медицински персонал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.