Состојба со Ковид-19 во светот до 13 часот

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 2.004.989 лица. Од нив починати се 126.830, а оздравеле 485.362 луѓе.

– Јапонските власти денеска ги повикаа граѓаните да останат во своите домови, додека медиумите, повикувајќи се на необјавена прогноза на Министерството за здравство, предупредуваат оти без итна акција околу 400 илјади луѓе би можеле да починат од Ковид-19. Јапонија, која тестира само луѓе со симптоми на коронавирус, досега пријави над 8.000 заразени и близу 200 смртни случаи.

– Германските сојузни покраини, непосредно пред средбата со канцеларката Ангела Меркел, постигнаа договор за продолжување на мерките за борба против ширење на пандемијата на коронавирус до почетокот на мај. „Билд“, повикувајќи се на учесници во видео-конференциската средба, информира дека премиерите на сојузните покраини се договориле до 4 мај да останат во сила мерките за ограничување контакти, забрана за обири и патувања.

– Германија вчера забележа најголем број смртни случаи во еден ден од почетокот на епидемијата, кога починаа 285 луѓе. Од друга страна, бројот на новозаразени е во благо опаѓање, па во ист период имаше 2.486 заразени или вкупно 127.583 позитивни на Ковид-19.

– Коронавирусот ќе се врати и повторно ќе биде опасна закана по јавното здравје кога ќе се укинат мерките за физичко дистанцирање, па тие веројатно ќе бидат потребни до 2022 година, соопштија научници од Харвард.

– Министрите за одбрана од НАТО денеска треба да одржат видео-конференциска средба и да разговараат за влијанието на коронавирусот на заедничките воени мисии во светот. Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг ја нагласи борбената подготвеност на НАТО и покрај глобалната пандемија и потенцираше дека заштитата на населението во земјите членки и натаму е приоритет.

– Над 80 отсто од починатите во Словенија, а кои биле заразени со коронавирус, биле на возраст поголема од 75 година, при што над половина од нив биле постари од 85 години, со бројни други болести. .

– Србија ќе ги мине велигденските празници во 80-часовен карантин, со одлука на Владата за полициски час од петок во 17 часот до вторник во 05 часот.

– Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик денеска се заблагодари на Србија на помошта која ја дава на република Српска во борбата против коронавирусот и потенцираше дека РС тоа не би можела да го набави сама. Тој рече дека на претседателот на Србија Александар Вучиќ му ги кажал проблемите со кои се соочува, но и мерките кои се преземаат во РС.