Состојба со Ковид-19 во светот до 17 часот

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 2.505.858 лицa. Од нив починати се 172.406, а оздравеле 659.691 луѓе.

– Во САД се заразени 792.938 лица, а регистрирани се 42.518 смртни случаи. Шпанија е на второ место со 204.178 заразени лица, а 21.282 луѓе починаа во таа земја. Италија има 181.228 случаи на Ковид-19 и 24.114 починати.

– Во Франција од новиот коронавирус се заразени 155.383 лица, а починаа 20.265, додека во Германија се заразени 147.103, но се забележани помалку смртни случаи – 4.862.

– Велика Британија има 124.743 заразени и 20.265 смртни случаи, додека 90.980 заразени и 2.140 смртни случаи се регистрирани во Турција.

– Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека епидемијата на новиот коронавирус во Турција започнала да го достигнува платото.

– Владата на Јужна Кореја испрати помош на Украина во вредност од 700.000 долари за борба против коронавирусот, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.

– Шведскиот вирусолог Јохан Гисеке тврди дека досега 600.000 жители на Стокхолм се заразиле со вирусот Ковид-19 и дека 99 проценти од заразените не се свесни дека го имаат вирусот.  Гисеке, кој е еден од најистакнатите вирусолози во Шведска, советник на шведската Влада и советник на генералниот директор на СЗО, за шведската телевизија СВТ изјави дека повеќето од заразените не го ни забележале тоа, но и дека имало некои кои имале благи симптоми, а некои кои биле тешко болни починале.

– Ирак денеска ги олесни рестриктивните мерки воведени за спречување на ширењето на коронавирусот, дозволувајќи им на некои фирми повторно да започнат со работа. Владата соопшти дека е намален и полицискиот час.  Мерките се преземени пред Рамазан, кој оваа година ќе се слави во поинакви  услови.

– Меѓународните владини и невладини организации и агенции на Обединетите нации, кои работат на искоренување на причините за екстремна глад, предупредија денеска дека пандемијата на вирусот Ковид-19 се заканува дека ќе предизвика криза со храна во најзагрозените земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.