Состојбата на Џонсон се подобрува

Здравствената состојба на британскиот премиер Борис Џонсон во текот на хоспитализацијата на одделот за интензивна нега поради зараза со коронаворусот, се подобрила во четвртокот, соопштија од владата во Лондон.

Педесет и петгодишниот Џонсон беше итно хоспитализиран во лондонската болница „Свети Тома“ во неделата вечерта, откако и по десет дена по потврдата дека е заразен со новиот тип коронавирус не му престанувала кашлицата и зголемента температура. Ноќта кон понеделникот е пренесен на одделот за интензивна нега, и добил третман со кислород но според тврдењето на владата не бил ставен на респиратор.

„Работите за него одат на подобро. Стабилен е, ситуацијата се подобрува, соработува со медицинскиот персонал“, изјави британскиот министер за култура, Оливер Доуден во четвртокот.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „се чини“ оти Џонсон е „подобро“ по, како што рече, „тешкиот напад“. Тоа сугерира на веста што ја објави агенцијата РИА ноќта кон понеделникот дека Џонсон бил ставен на вентилација на белите дробови, што се практикува при отежнато дишење и немање здив кај пациентот.

Според здравстсвените стручњаци, пак, Велика Британија влегува во најсмртоносниот период од епидемиајта, а се очекува раст и на бројот на смртните случаи во текот на велигденскиот викенд.