Состојбата со ковид во Европа сега е полоша од онаа во март, предупредува СЗО

34

Бројот на новоизградени со коронавирус во Европа изминатата недела го надмина пикот во март, соопшти Светската здравствена организација.

Регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге, објави дека само минатата недела се регистрирани над 300 000 нови случаи и предупреди дека се работи за сериозна ситуација.

Според веб-страницата „Ворлдометерс“, досега во Европа со коронавирус се заразени 4 285 622 луѓе, од кои 215 059 починале.

На врвот на листата е Русија со над 1 милион заразени, по што следуваат Шпанија, Франција, Велика Британија, Италија, Германија…

Франција со нов рекорд од над 10 000 случаи дневно

Некои европски земји, како Велика Британија и Франција, со месеци бележат највисоко ниво на дневно заразени. Франција во последните 24 часа регистрира 10 593 нови случаи, што е најголема дневна бројка од почетокот на пандемијата. Поради тоа, Лион и Ница, два од најголемите градови во Франција, добија рок до сабота да предложат нови мерки за справување со епидемијата.

Украина и Белгија, исто така, пријавија висока бројка на дневно заразени, а властите во Шпанија планираат нови рестриктивни мерки во Мадрид, откако во една недела се регистрирани 239 смртни случаи.

И Чешка првпат досега пријави повеќе од 3 000 дневни случаи, поради што премиерот повика на строго следење на мерките за да се спречи ширењето.

Случаите, исто така, достигнаа ново највисоко ниво во Холандија, а наскоро се очекува владата да објави нови строги мерки.

Повик за будење

Клуге предупредува дека новите податоци покажуваат и алармантни стапки на брзо ширење на вирусот низ целиот регион, со голем пораст и на хоспитализирани и на смртни случаи.

Уште еден загрижувачки податок, според СЗО, е што најголем број од новите случаи се помлади луѓе. И додека за нив претходно се тврдеше дека имаат помала веројатност да бидат во ризична состојба доколку се заразат – во моментов, според Клуге, постои загриженост за зголемен број компликации кај оваа возрасна група.

Експертот на СЗО признава дека рестриктивните мерки воведени пролетта и на почетокот на летото дадоа јасни резултати и дека сегашната ситуација е всушност многу полоша од тогаш.

„Случаите достигнаа рекордно ниско ниво во јуни. Бројот на новозаразени во септември треба да биде повик за будење за сите нас“, предупреди Клуге.

Претходно оваа недела, Клуге предупреди дека Европа мора да се подготви за зголемен број смртни случаи од новиот коронавирус во октомври и ноември.

„Ќе биде многу, многу потешко“, изјави експертот на СЗО.

Бројот на заразени во светот надмина 30 милиони, додека на починати е над 950 илјади.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.