Состојбата во затворите е загрижувачка, затворениците спијат на под, во соби полни со бубашваби и се бањаат со студена вода, откри народниот правобранител Насер Зибери

Пренатрупани простории полни со бубачки, мувла, влага… на сунѓери, на железни кревети, па и на под, расипани чешми, туширање со ладна вода или пак, воопшто немање на услови за користење на вода… Ова се дел од условите во затворите во државава кои со години не се менуваат, а кои во годишниот Извештај ги презентираше народниот правобранител Насер Зибери.

„Продолжува проблемот со пренатрупаноста во затворите низ државава, а состојбата во затворот во Идризово е загрижувачка. Уште позагрижувачко е што во оваа установа е половина од популацијата упатена на издржување на затвор. Во „Идризово” констатирано е дека по 16 лица се во една просторија, а има 8 кревети и 16 метри квадратни, во 19 квадрати се 12 лица, а има и повеќе од 9 лица. Постојат несоодветните материјални услови и не се врши сместување во така нареченото второ, петто и осмо крило. Условите во кои се сместени осудениците во затворениот дел, како и во Амбуланта може да се опишат како нехумани и деградирачки. Спијат на под и на сунѓери, на под, во импровизирани метални кревети. Хигиената е лоша, има лебарки, бубашваби, тафтаби, немаат пристап до топла вода и нема можност за одржување на лична хигиена. Ова влијае и за тензичната атмосфера и затоа често има тепачки. Во однос на материјалните услови загрижувачка е и состојбата во затворот во Шутка, простории во исклучително лоша состојба, а за кои веќе е укажано дека треба да се затворени. Полни се со влага, мувла со несоодветни кревети и душеци, расипани чешми…”, истакна денеска Зибери.

За затворот во Куманово кој е пуштен во употреба во 2013 година, Зибери истакна дека нема вода и овој проблем подолго време се провлекува.

„Во затворот во Куманово немаат вода, иако овој затвор е пуштен во употреба во 2013 година, проблемот со вода не е решен. Се вели дека се преземаат мерки за решавање на проблемот, но се складира вода во импровизирани садови. Во останатите затвори секаде се преземени зафати, но за жал заради невнимателно користење на истите, реновираните простории се амортизарани. Само во Затворот во Тетово е подобрена инфраструктурата. Посебен проблем е несоодветното однесување од вработените. Поплаки во овој дел има од повеќе казнено-поправни установи. Голем број од осудените лица се плашат да ги изнесат забелешките јавно. Безбедноста и сигурноста на затворените лица исто така е на ниско ниво, нема доволно број на затворски чувари и недостигот на персонал е секаде ист. Нехуман начин на постапување со осудените лица е и користењето на кожни ремени, лисици”, додаде Зибери.

Тој истакна дека проблем е и здравствената заштита која постои, но не е доволно организирана во тој дел, за да може да им овозможи консултации и лекарска помош на оние на кои им е потребна. Народниот правобранител вели дека и покрај ветувањата на властите, состојбата не е променета и упати апел до Министерството за здравство и Министерството за правда дека ова мора да им биде приоритет во клучните реформи.

фото: МИА