Состојбата во здравството не е добра, признава министерот Сали

Анализата направена за дијагноза на јавното здравство во изминатата година, во инвестирањето, организацијата, почитување на протоколи и сѐ друго во делот на здравствени услуги, даде еден резултат кој не е добар за нас како држава, истакна во четвртокот министерот за здравство Беким Сали.

„Не е добар показател само дека се движиме во позитивна насока, туку навистина треба да засукаме ракави и да размислиме како сакаме да продолжиме“, рече меѓу другото Сали во интервју за телевизија Телма.

Рече и дека во јавното здравство се трошат средства за институции кои не испорачуваат доволно квалитетни услуги, како една приватна здравствена установа.

„Проектната единица во Министерството за здравство работеше во делот на рационализација и консолидација на капацитети и наша констатација е дека буџети се трошат за институции кои што не испорачуваат доволно квалитетни и во доволен број услуги колку што испорачува една приватна здравствена установа“, истакна министерот Сали.

Според него, ако една приватна установа може да функционира со цени кои што се формирани и за јавното и за приватното здравство и на крај на годината да прикаже позитивен финансиски исход, како е можно јавното здравство да не покаже позитивен исход. Затоа, нагласи Сали, бил избран пристапот за рационализација на здравствените установи.

„На Владата ѝ понудивме решение за хроничната болка на јавното здравство и јас лично го сметам како идеално решение, што треба да го покажат и други институции кои ќе бидат вклучени во визибилноста, оправданоста на целата таа концепт идеја за реформирање, за менување на локации и од градски болници да ги претвориме во регионални болници. Два града да добијат една ефикасна болница, со сите здравствени услуги, а не како постоечките болници кои што функционираат со 30-35 отсто од капацитетот, а трошоците се 100 проценти за сите вработени во таа здравствена установа, во некомплетни оддели“, рече Сали.

Потенцираше дека интересот за приватниот здравствен сектор и за фондови што вршат осигурувања за приватното здравство се зголемува, додавајќи дека иако тоа е еден тренд што се случува во сите држави во светот.

Сепак, според Сали, не сите граѓани на државата можат да си дозволат приватно осигурување и затоа се базираат на јавниот сектор каде се присутни поголеми проблеми, но тој сепак има и успешни приказни.

„Во системот кој што функционира во последните 30 години, таков каков што е, можам да издвојам десетици, ако не стотици успешни приказни во јавното здравство кои што денес ни влеваат самодоверба“, додаде Сали.