Совет на амбасадори: Прекројувањето на границите би довело до ново крвопролевање

Со внимание ги следиме првичните реакции, согледувања, размислувања и коментари за генезата на нон пејперот којшто заговара промена на границите на Балканот. Тој, по сѐ изгледа сепак потекнува од пријателска Словенија и нејзиниот премиер, кои се исправени пред мајското преземање на претседателството со Европската Унија, соопшти Советот на амбасадори.

– Факт е дека се ставени на хартија клучни тези во вид на крајно опасна идеја, за којашто, како во позната филмска рашомонијада следеа разни спротивставени изјави. Советот со големо изненадување и загриженост посочува кон фактот дека дел од балканските земји, сега полноправни членки на НАТО и кандидати за членство во ЕУ се наоѓаат на хартија, што проектира состојби кои не смеат и не можат да бидат решавани и решени во изолирани европски кругови и/или нечии кабинети. Оттаму, Советот високо ја цени брзата реакција на Стејт департментот, што потсетува на клучните договори, кои се веќе постигнати заради мир и соработка во Балканскиот регион и коишто треба да се спроведуваат во реалноста – сметаат од Советот на амбасадори.

Од таму додаваат дека цврсто стојат на ставот дека етноцентризмот, националзмот и прекројувањето на границите би довело до ново крвопролевање со несогледливи последици кон целиот регион на ЈИЕ.

Советот на амбасадори предупредува дека нон пејперот претставува опасна игра, којашто може да прерасне во „катастрофална лавина, што настанала од мала топка снег“.