Совет на амбасадори: Замина Зафир Хаџиманов, остана празнина во ризницата на македонската култура

Советот на амбасадори со голема тага ја прими веста за смртта на Зафир Хаџиманов кој беше еден од најсјајните брендови на македонската култура и музика. Блескаше на естрадите со препознатливиот стил и талент, каде и да се појавеше, во Македонија, Србија, Хрватска, секаде низ регионот и пошироко.

Советот на амбасадори со гордост го познаваше и како културен амбасадор на нашата земја и го почитуваше како сјаен претставник на македонската култура, кој што ги промовираше нашите културни вредности особено и преку неговите квалитети како писател кој твореше и размислуваше на два јазика, на мајчниот македонски и на неговиот извонреден српски јазик.

Советот го дели сеопштото мислење дека со неговото заминување од културната и естрадната сцена, останува празнина во ризницата на македонската култура, како и во нашите срца.