Совет на Европа – Северна Македонија постигна напредок во изминатата година, останува реформите да се преточат од хартија на дело

По последната посета на нашата земја, двата известувачи по постмониторнг дијалогот Лиза Кристоферсен (Норвешка од групата на социјалистите) и Валериу Гилечи (Молдавија од групата на Народните партии), пред комисијата за следење на обврските на земјите членки го претставија извештајот за следењето на обврските на Република Северна Македонија. Тие забележуваат дека земјата постигна значителен напредок во измината година, но сега останува донесените реформи да се применат на дело.
Во расправата зад затворени врати, практика на комисијата поради доверливоста на извештаите, двата известувачи забележуваа дека по нивната последна посета во јуни 2018 година, се случија големи промени: земјата одржа референдум и ратификува историски договор што овозможи, да се реши” проблемот со името”. Северна Македонија е поканета да се приклучи на НАТО.
Во последниве неколку месеци започнаа значителни реформи. Законите во врска со судовите и Судскиот совет се усвоени во согласност со препораките на Венецијанската комисија. Донесен е закон за антидискриминација кој ја опфаќа сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација. Институцијата на народниот правобранител е зајакната, како и контролата на полициските сили. Со донесувањето на новиот Закон за разузнавачките служби треба да се одговори на проблемите поврзани со нелегално прислушкување на разговори, практика која ја втурна земјата во сериозна политичка криза. Сега тие очекуваат овие позитивни случувања да бидат потврдени со целосна имплементација на неодамна усвоените закони и преточени во видливи резултати. Ова може да ги промени перцепциите на луѓето и да им даде доверба во нивните институции, вклучувајќи го и нивниот правен систем.

Известувачите на ПССЕ, сметаат дека активното учество во парламентот на опозицијата овозможува усвојување на клучна легислатива за која е потребно двотретинско мнозинство, особено во областа на правдата. Според нив, се уште треба да се решат полемичните прашања за реформа на јавното обвинителство. Тие се надеваат дека сите засегнати страни ќе постигнат консензус кој ќе обезбеди независно и ефикасно функционирање на обвинителството и ќе го зајакне неговиот капацитет за справување со чувствителни случаи. Иако можеби се неопходни политички компромиси, според известувачите на ПССЕ мора да се почитуваат основните принципи на владеењето на правото. Исто така, важно е да се обезбеди правна рамка за да се обезбеди дека Канцеларијата на специјалното обвинителство може да функционира со потребната автономија и независност.
Усвојувањето на новиот закон за спречување на корупција резултираше со воспоставување на нова Јавна комисија за спречување на корупцијата и конфликт на интереси преку транспарентни постапки.
Исто така, во извештајот се забележува подобрувањето на медиумскиот пејзаж: проблемот со безбедноста на новинарите веќе не се појавува, сега фокусот е ставен на финансиски проблеми и други системски прашања.
Особено, сега се очекува од властите да обезбедат дека јавниот радиодифузен сервис функционира како непристрасен медиум со висококвалитетни информации. Говорот на омраза за онлајн и интернет-медиуми е прашање кое треба да се реши и да се следи од страна на властите. Медиумските регулатори, како што е Одборот за медиумска етика, имаат важна улога во овој поглед, смета ПССЕ.
Според ПССЕ, треба да се посвети поголемо внимание на меѓуетничките односи. Притоа се поздравува инклузивниот пристап на новоизбраниот претседател на Републиката, кој би можел да ја олесни социјалната кохезија и да го зајакне ова мултиетничко општество.

ПССЕ истакнува дека Советот на Европа останува постојано достапен за да им помогне на властите да ги почитуваат европските стандарди преку својата експертиза и да ги поддржат и во овој транзициски период – кој може да биде извор на инспирација за другите земји-членки на Советот на Европа – и аспирацијата на граѓаните за европска интеграција. тг/аа/