Совет на НБРМ: Донесена одлука за дополнително јакнење на отпорноста на банкарскиот систем

Советот на Народната банка, на својата редовна седница, донесе одлука за воведување макропрудентна мерка со која дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем, заради зачувување на неговата отпорност и натамошно јакнење на финансиската стабилност во услови на постепено зголемување на системските ризици. Со мерката се делува превентивно, односно се продолжува со натамошно зајакнување на капиталната сила на домашните банки, што е во основата на отпорноста на банкарскиот сектор на ризици. Имено, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, што ги вклучува податоците за првиот квартал на 2022 година, како и најновите показатели, се оцени дека има потреба од воведување стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот на банките за изложеностите во Република Северна Македонија, во висина од 0,5%. Оваа мерка ќе почне да се применува од 1 август 2023 година, што значи обезбедување доволно простор за приспособување на банките и за постепено формирање на заштитниот капитален слој без негативни ефекти врз солидната кредитна поддршка за економијата.

Билансите на банкарскиот сектор упатуваат на здрави фундаменти, што се потврдува и со редовните стрес-тестови коишто покажуваат дека банките се отпорни на можни шокови. Капиталните позиции на банките се стабилни, а квалитетот на кредитното портфолио засега е добар. Профитабилноста на банките е на солидно ниво, што значи дека банките имаат доволно интерен потенцијал за исполнување на капиталните барања, вклучително и за исполнување на предложената стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 0,5%.

Сепак, работењето на банкарскиот систем и на економијата во целина и понатаму е придружено со неизвесност и ризици. Главен извор на ризици од окружувањето е војната во Украина, што во зависност од времетраењето и интензитетот на геополитичкиот шок, може да ги влоши перспективите за домашната економска активност и за инфлацијата. Ова негативно би се одразило врз работењето на компаниите и врз животниот стандард и куповната моќ на населението, што може да влијае врз способноста за редовно отплаќање на кредитните обврски и нивото на кредитниот ризик на банките.

Со воведувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.

На редовната седница, беше усвоен и најновиот Квартален извештај. Како што е посочено во Извештајот, последните макроекономски показатели упатуваат на остварување на ризиците во одредени сегменти од економијата, што создава понеповолен макроекономски амбиент за спроведување на монетарната политика. Домашната инфлација, слично на глобалните движења и понатаму забрзува. Нагорните придвижувања кај домашните цени и понатаму главно се одраз на фактори на страната на понудата, односно на цените на храната и енергијата, како резултат на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени поради воените случувања. Овие промени се пренесуваат и врз цените на останатите производи и услуги, а со тоа и врз инфлациските очекувања, поради што Народната банка во неколку наврати ја зголеми основната каматна стапка за вкупно 1,25 п.п. Домашната економска активност од почетокот на годината главно се движи во согласност со очекувањата, а и натаму има солидна кредитна поддршка од страна на банките. На девизниот пазар притисоците се значително намалени, а девизните резерви се во сигурната зона. Сепак, ризиците за целокупниот макроекономски контекст сè уште се изразени и се поврзани претежно со надворешното окружување, а главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки. Народната банка продолжува со внимателното следење на трендовите и потенцијалните ризици од домашното и надворешното окружување и со натамошна нормализација на монетарната политика, заради одржување на ценовната стабилност на среден рок.

Советот разгледа и други извештаи и материјали поврзани со тековното работење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.