Советниците го изгласаа амандманот, Славески не ѝ даде збор на Арсовска

Еднократна парична помош од 1.100 денари ќе добијат граѓаните од социјално загрозените семејства за изминат месец, за покривање на дел од потрошената електрична енергија. Одлуката беше изгласана од градските советници, на предлог од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа без да ѝ се даде збор на  градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, да се произнесе за амандманот.

Тоа предизвика реакција кај неа и таа замоли за деловничка култура, барајќи да ѝ биде доставен амандманот за да го види.

– Не го добивме текстот на амандманот. Јас барам да ни се достави за да го разгледаме. Министерството за финансии, поради неодговорното однесување, целиот буџет ни го блокираше. Ве молам, одговорно да се однесуваме. Доколку се имало слух да се измени и доколку се слушале нашите служби, немаше да дојде до ова. Ве замолувам за малку деловничка култура. Да ни се достави амандманот, да видиме за што се работи и Секторот за финансии да се произнесе дали од оваа ставка од која се побарува, ќе можат да се исцрпат средства – изјави Арсовска.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, одговори дека амандманот е усогласен од советничките групи.

– Ако не бил доставен амандманот, предлог- одлуката беше доставена, заедно со материјалите од седницата. Станува збор за амандман што го усогласија советничките групи, ова не е амандман на буџет или ребаланс, и со гласање советниците го изгласаа – истакна Славески.

Независната советничка од ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова, нагласи дека ниту советниците не го добиле амандманот и дека треба да им се каже на граѓаните дека ова што е изгласано нема да биде спроведено во јануари. Александар Трајановски, заменик-градоначалник на Град Скопје, го нарече изгласаниот амандман штапски. Тој нагласи дека ќе побара извинување од Славески поради, како што рече, навредите со кои се расфрла од столчето на кое седи.

– Успеав да го добијам амандманот, мене ми го подаде колешката што седи веднаш до мене, но овој амандман е штапски амандман и нема архивски број. Ова само покажува дека немате доблест да признаете дека грешите, грешевте и на отворањето на 20-тата седница. Грешевте и со наметнувањето на 14-те амандмани што беа поднесени, за прв пат во историјата на Град Скопје, на последен ребаланс на буџетот во годината. Исто така, грешевте кога технички ви беа неисправни. Силувавте со мнозинство да ги донесете и вметнете во ребалансот, а градоначалничката ви ги потврди известувањата дека вашите амандмани не дозволуваат буџетот да се вчита – истакна Трајановски, додавајќи дека е изгубена цела недела, две седници, за да му се укаже на Славески дека амандманите се технички неисправни и неапликативни во ребалансот на буџетот.

Инаку, според измените на амандманот, прво, средствата треба да се издвојат од годинашниот буџет и од буџетите во наредната година, од ставките за непредвидливи расходи и домови за стари лица, каде што досега имало неискористени средства и второ, градоначалничката во рок од седум дена да ги пропише конкретните услови и критериуми за доделување.