Советник на Трамп го потврди интересот за купување на Гренланд

(AP Photo/Keith Virgo)

Водечкиот економски советник на претседателот Доналд Трамп, Лоуренс Кудлоу, во разговор за телевизискатата мрежа Fox News ги потврди во неделата информациите дека Белата куќа ги разгледува можностите за купување на најголемиот остров на планетата – Гренланд, без разлика на тоа што властите на оваа територија на Данска веќе испратија порака дека нема да дискутураат на оваа тема.

Гренланд, кој е територија во рамките на Кралството Данска, има права на широка автономија.

Во четвртокот весникот The Wall Street Journal, повикувајќи се на доверливи извори, објави дека претседателот Доналд Трамп се распрашувал кај своите советници дали САД можат да го купат Гренланд, и покажал интерес за таквата можност. Соговорниците на весникот истакнале дека не било јасно дали станарот на Белата куќа бил сериозен во врска со ова. Некои од нив рекле дека Трамп веројатно тоа го споменал на шега.

„Ситуацијата се развива. Го разгледуваме тоа… Пред многу години Хари Труман (33-от претседател на САД), сакал да го купи Гренланд. Гренланд ѝ припаѓа на Данска, а Данска е наш сојузник. Гренланд е важен од стратешка гледна точка. Таму има многи вредни минерални ресурси“, рече Кудлоу.

„Во моментов не сакам да предвидувам. Едноставно напоменувам дека претседателот, кој се разбира понешто во трговијата со недвижнини, сака да се запознае со можноста за купување на Гренланд“, додаде советникот на Трамп.

Официјалните претставници на властите на Гренланд по написот на The Wall Street Journal, изјавија дека територијата е заинтересирана за соработка со САД, но оти не е на продажба. Трамп на почетокот од септември треба да ја посети Данска.

Како што пишуваа американските медиуми во врска со оваа тема, меѓу дискутираните теми меѓу Трамп и неговите советници била можноста за проширување на американското воено присуство на Арктикот. Притоа The Wall Street Journal, исто така, потсети дека ова не би бил прв обид на Вашингтон да го купи Гренланд, потсетувајќи дека по Втората светска војна, претседателот Хари Труман ѝ понудил на Данска тогашни 100 милиони долари, но оти понудата била одбиена.