Советот ја разреши Јанева, завршува и мандатот на обвинителите од СЈО

718

Советот на јавни обвинители на вонредната седница во саботата вечерта едногласно ја разреши од функцијата специјален јавен обвинител Катица Јанева за незаконско, нестручно и несовесно работење. Одлуката ќе биде објавена во Службен весник, но стапува на сила веднаш.

Во понеделник на продолжението на седницата, ќе биде констатиран и престанок на мандатот на другите обвинители во СЈО, бидејќи, како што рече претседателот на Советот Ацо Колевски на прес конференцијата вечерва, како што е предвидено во Законот на СЈО, нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавен обвинител.

Колевски не сакаше да прејудицира што ќе се случи со обвинителите, но рече дека најверојатно ќе се вратат во матичните обвинителства.

Иако Законот за СЈО сѐ уште е во важност и не е донесен нов закон за ЈО во кој треба да се регулира позицијата на СЈО, Колев рече дека Советот нема да назначи вршител на должноста, бидејќи назначувањето е на предлог на Собранието

Став на Советот е дека не постојат услови за поставување в.д. имајќи го предвид самиот Закон за СЈО каде стои дека  предлог за именување специјален јавен обвинител дава Собранието. Ние очекуваме предлог од Собранието, бидејќи овој Закон се уште е во важност, па ќе одлучуваме, рече Колевски.

Советот на јавни обвинители в понеделник ќе ја продолжи седницата на која ќе се расправа за регулирање на статусот на другите јавни обвинители во Специјалното јавно обвинителство кога ќе биде констатиран престанок на нивниот мандат и ќе биде донесена одлука дали да се вратат во нивните матични јавни обвинителства, соопшти претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски.

Ќе мораме да ги примениме одредбите од Законот за специјално јавно обвинителство за престанок на нивната функција, затоа што таму е предвидено дека нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавнен обвинител. Тоа в понеделник ќе го констатираме само со одлука. Став на Советот е дека не постојат услови за поставување на вршител на должност во Специјалното јавно обвинителство имајќи го во предвид самиот Закон за СЈО каде е наведено дека предлогот за именување на специјален јавен обвинител го дава Собранието. Очекуваме предлог од Собранието и ако биде доставен ќе постапиме по предлогот, бидејќи законот се уште е во важност, рече Колевски по завршувањето на седницата на Советот на јавни обвинители

Претходно денеска во Собранието едногласно без ниту еден глас против од присутните пратеници, Катица Јанева е разрешена од функцијата шеф на СЈО. За разрешувањето на Јанева гласаа 102 пратениици. Јанева е разрешена за несовесно, незаконско и нестручно работење. Претседателот на Собранието Талат Џафери го достави Извештајот за разрешувањето на Јанева до Советот на јавни обвинители.

Процесот на разрешување на Јанева почна на 5-ти септември, кога Комисијата за избори и именувања зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.

Јанева е осомничена дека посредувала во случајот „Рекет“, односно дека му го олеснила статусот на осомничениот бизнисмен Јордан Камчев во случајот „Империја“ за што прибавила материјална корист. Јанева веќе трета седмива е во во притвор во затворот Скопје во Шуто Оризари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.