Советот на ЕУ донесе две уредби за безбедност и проверки на границите

Советот на Европската унија донесе во вторникот две уредби со коишто се воспоставува рамка за интероперабилност на информатичките системи во Унијата во областа на правосудството и внатрешните работи, што би требало да овозможи поефикасни проверки на границите и подобрување на безбедноста.

Интероперабилноста на информатичките системи ќе им овозможи тие меѓусебно да се дополнуваат, да ја олесни исправната идентификација на лицата, ќе придонесе во справувањето со измамите поврзани со идентитетот, ќе овозможи поефикасни проверки на надворешните граници на ЕУ, а ќе помогне и во спречувањето на незаконските миграции и нивното сузбивање, при што ќе бидат заштитени темелните права, соопшти Советот на ЕУ.

На системите кои се опфатени со споменатите две уредби на националните тела им се дава поддршка во областа на безбедноста, управувњето со границите и миграциите, како и во обработувањето на барањата за издавање визи и азил. Со новите уредби не се менуваат правата на пристап утврдени со правната основа релевантна за поединечните европски информациски системи, но се олеснува и се подобрува размената на информациите.

„Со интероперабилноста којашто денеска правно заживеа, наскоро ќе бидат елиминирани ‘слепите точки’ кои постојат во нашите информациски системи. Оние кои работат на границите на осигурувањето на безбедноста на граѓаните на ЕУ, полициските службеници и граничарите ќе имаат пристап до информациите кои им се потребни и кога им се потребни. А криминалците повеќе нема да можат да се протнат низ мрежата“, коментираше комесарот за безбедност Џулијан Кинг.