Советот за безбедност на ОН го продолжи мандатот на ЕУФОР во БиХ

Советот за безбедност на Обединетите нации во петокот ја усвои резолуцијата број 2757 со која се продолжи мандатот на воената мисија на Европската унија во Босна и Херцеговина, а истовремено го доби и редовниот извештај на високиот претставник Кристијан Шмит за состојбата во таа земја.

Со 15 гласа „за“, Советот за безбедност без расправа одлучи мисијата на ЕУ наречена Алтеа да продолжи да работи уште една година со задача да ги зачува мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина. Мисијата, која на терен ја извршуваат војниците на ЕУФОР, беше формирана во 2004 година кога ЕУ од НАТО го презеде мандатот за следење на спроведувањето на воениот дел од Дејтонскиот договор.

Претставниците на сите земји-членки на Советот за безбедност ја изразија својата поддршка за оваа мисија како и за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ, а повеќето од нив за постапките на високиот претставник Кристијан Шмит, чиј редовен шестмесечен извештај за Повод на дискусија беше ситуацијата во БиХ.

Ентитетот Република Српска, предводена од нејзиниот челник Милорад Додик, кој има поддршка од Русија и Кина, упорно го оспорува мандатот на Шмит, поради тоа што за неговото назначување не е применета вообичаената практика да се разговара на Советот за безбедност при ОН.

Во сппоменатиот документ, Шмит го извести Советот за безбедност дека Босна и Херцеговина ја пропуштила можноста за напредок кон членството во ЕУ што ја има од март, и предупреди на „бавното спроведување на реформите“ и „заканата за стабилноста“ на земјата преку „сецесионистичката реторика и активностите“ на политичарите од Република Српска.

Претставникот на САД, Роберт Вуд изјави дека Вашингтон е загрижен поради обидите за слабеење на властите на Босна и Херцеговина и заканите за отцепување.

„Високиот претставник има клучна улога… САД целосно го поддржуваат Кристијан Шмит и овластувањата што ги има“, рече Вуд, најавувајќи дека САД ќе ги користат сите инструменти за да ги спречат акциите на оние кои го попречуваат спроведувањето на Дејтонскиот договор“, рече Вуд.

Со ова се согласи и амбасадорката на Велика Британија, Барбара Вудворд, која дополнително ја оцени како „загрижувачка“ содржината на т.н. сесрпската декларација од јуни годинава, посочувајќи дека тоа е спротивно на одредбите од Дејтонскиот договор.

„Со жалење го забележуваме продолжувањето на негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници. Ова нема место во мултиетничкото општество“, рече британската дипломатка.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, повторно го оспори Шмит како висок претставник, обвинувајќи го дека со своите постапки го прекршил Дејтонскиот договор и тврдеше дека Западот спротивно на дооворот насила се обидува да ја направи БиХ централизирана држава. Покрај тоа, ја бранеше политиката што ја водеа водачите на босанските Срби предводени од Милорад Додик.

Претставникот на Кина, Генг Шуанг, чија влада, исто така, одржува блиски врски со лидерите на Република Српска, малку повоздржано изрази загриженост за зголемената политика на поделба во БиХ и повика на внатрешен дијалог за да се зачува стабилноста на земјата и меѓународната заедница да ги „почитуваат сите три етнички групи“, додека постапките на високиот претставник и неговите овластувања ги нарече „контроверзни“.

На седницата на Советот за безбедност присуствуваше и претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, кој рече дека неговата земја се соочува со блокади поттикнати однадвор, што ја спречува да се приближи до членството во ЕУ и НАТО како клучни цели.

„Властите на РС опасно ги загрозуваат основите на Дејтонскиот договор“, рече Беќировиќ, кој исто така го обвини Белград за „агресивно мешање“ во внатрешните работи на БиХ со крајна цел приклучување на РС кон Србија. Тој ги повика ОН навремено да реагираат и да спречат реализација на ваков проект.