Советот за човекови права при ОН ќе расправа за прекршувањата на правата во Иран

Највисокото тело за заштита на човекови права при Обединетите нации неделава ќе одржи итен состанок за да го разгледа покренувањето меѓународна истрага за смртоносното задушување на масовните протести што го потресуваат Иран.

Советот за човекови права на ОН в четврток треба да одржи специјална седница за „влошената ситуација со човековите права“, по барање на Германија и Исланд.

Средбата ќе следи по двомесечните протести во Иран предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, откако таа беше уапсена за наводно кршење на строгите правила за облекување за жените врз основа на исламскиот шеријатски закон. Најмалку 378 луѓе, вклучително и 47 деца, се убиени во задушувањето на протестите, според податоците на норвешката група за човекови права Iran Human Rights (ИХР)

Демонстрациите се проширија низ целата земја и прераснаа во широко движење против теократијата што владее со Иран од падот на шахот во 1979 година.

Илјадници мирни демонстранти се исто така уапсени, според експертите за права при ОН, меѓу кои и многу жени, деца и новинари, а досега шест лица се осудени на смрт поради протестите.

За време на седницата в четврток, дипломатите ќе ја разгледаат нацрт-резолуцијата претставена од Германија и Исланд со која се повикува Советот да започне меѓународна истрага за да ги разгледа сите наводни прекршувања поврзани со протестите во Иран. Независната меѓународна мисија за утврдување факти треба да ги вклучи „родовите димензии на таквите прекршувања“ во својата истрага, се вели во текстот.

Нацрт-резолуцијата, која сепак може да биде изменета, ги повикува истражителите да „соберат, консолидираат и анализираат докази за таквите прекршувања и да ги зачуваат доказите“, со цел идно кривично гонење.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која ќе биде присутна на седницата, неодамна на Твитер нагласи дека таквата истрага е клучна бидејќи „знаеме колку е важно за жртвите одговорните да одговараат“.

Во нацрт-текстот, Техеран се повикува на „целосна соработка“ со истражителите, кои треба да поднесат извештај во март 2024 година.

Групите за заштита на човекови права го поздравија одржувањето специјална седница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.