Советот за општи работи потврди дека нема преговори за Македонија и Албанија

Земјите-членки на ЕУ на вчерашното заседание на Советот за општи работи (ГАК) не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија до крајот на оваа година и покрај јавно изнесените надежи на словенечкото претседателство за старт на преговорите со двете земји годинава. Во заклучоците од состанокот изостана временската одредница „до крајот на годината“ како рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Европската комисија и Советот на ЕУ изразија задоволство од компромисот постигнат во делот на проширувањето, кој потпретседателката на Еврокомисија, Вера Јоурова го оцени како „ремек дело на способноста на ЕУ да изгради компромис“.

Државниот секретар за европски прашања на Словенија, Гашпер Довжан изјави дека состанокот на ГАК бил успешен и е „пример за духот на компромис и лојална соработка на земјите членки“ на ЕУ.

– Она што е важно се заклучоците на Советот, не ги споредуваме со претходните нацрти, некои формулации се тука од пред два месеца и повеќе, но бидејќи преговорите за вакви документи се многу долго, дефинитивно би го оценил денешниот ден како успех. Она што начелно предвидовме да го постигнеме не беше изводливо оваа година и ова е фактичката причина зашто „оваа година“ не се појавува повеќе во заклучоците, изјави синоќа Довжан по завршувањето на седницата на ГАК.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.