СП атлетика: Чептегеи ја одбрани титулата на 10.000 метри

Угандскиот атлетичар Џошуа Чептегеи ја одбрани титулата светски првак на 10.000 метри, а своите ривали ги скрши со долг финиш во последните 400 метри од трката во американски Јуџин.

Со резултат од 27:27.43 минути, 25-годишниот Чептегеи го оствари својот најдобар резултат во сезоната и го даде третото злато во својата колекција, во која е и олимписката титула на 5.000 метри од Токио минатата 2021 година.

Во финалето во Јуџин до среброто стаса Кениецот Стенли Ваитака М’бури со резултат 27:27.90 минути, а бронзата замина во Уганда, кај Џејкоб Киплимо со резултат 27:27.97 минути.

Американката Брук Андерсен го искористи изостанувањето на Полјачката Анита Влодарчик и пред домашните навивачи ја освои титулата светска првенка во фрлање кладиво. Оваа 26-годишна атлетичарка досега немаше позначајни резултати на големите натпреварувања, а во Јуџин беше убедлива и победи со фрлање од 78,96 метри, само шест сантиметри покусо од нејзиниот личен рекорд.

Сите медали во оваа дисциплина останаа на северноамериканскиот континент. Среброто ѝ припадна на Канаѓанката Кемрин Роџерс со далечина од 75,52 метри, а бронзата на Американката Џени Касанвојд со 74,86 метри.