СП Картар 2022: Португалија си поигруваше со Швајцарија, прв хет-трик на мундијалот

На исклучително уверлив начин фудбалерите на Португалија изборија пласман во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, откако во вторникот вечерта во осминафиналната пресметка на стадионот „Лусаил“ во Ал Даајен со 6:1 ја совладаа селекцијата на Швајцарија, иако речиси до финишот играа без еден од најдобрите фудбалери на денешнината.

Ѕвезда на вечерта беше Гонсало Рамош, 21-годишниот напаѓач кој најде место во првата постава на Португалија наместо капитенот Кристијано Роналдо. Рамош постигна три погодока, и тоа е првиот хет-трик на ова светско првенство, а беше прецизен во 17, 52 и 67 минута. По еднаш швајцарската мрежа ја погодија Пепе во 33, Гвереро во 55 и Рафаел Леао во втората минута од судиското продолжение на натпреварот, додека стрелец за Швајцарија беше Мануел Аканџи во 58 минута. Португалија со надмоќна игра поведе на почетокот од вториот дел со 4:0, а до крајот на мечот од двете страни се играше опуштено.

Португалија уште на почетокот покажа дека е решена во четвртфиналето да се сретне со Мароко, кој претходно на пенали ја елиминираше Шпанија, во дуел во кој е фаворит и има големи шанси да се пласира во мечот од кој патот води кон големото финале. Швајцарија само во воведниот дел успеа да ја покаже цврстината во одбраната која е одлика на овој нејзин тим, и во тој период не дозволи растрчаниот противник да создаде изгледна шанса. Но, сепак, Швајцарците набрзо се најдоа во резултатско заостанување, и тоа по одличната реакција на Рамош во 17 минута. Младиот напаѓач на Бенфика за овој дуел местото во првата постава му го довери селекторот Фернандо Сантош, и тоа како замена за големата ѕвезда и капитен на селекцијата Кристијано Роналдо, што се покажа на крајот како вистински потег.

Доста откосо од десетина метри Гонсало Рамош остро шутираше во поблискиот агол веднаш под пречката за водството на Португалија. Иако швајцарскиот голман Зомер го покри истиот агол, се чини дека тешко можеше подобро да реагира, бидејќи топката беше упатено многу остро и можеше само со поглед да ја проследи.

Раниот погодок очигледно го принуди швајцарскиот тим да ја смени тактиката и да се отвори во нападот, но тоа им остави многу простор за комбинации на Португалците кои имаа повеќе опции во нападот, имајќи предвид дека отсуството на Роналдо ги ослободи од товарот да ја насочуваат топката кон него. Инспираните Португалци, така, добија многу простор за да го потврдат епитетот „европски Бразилци“, и можаби за малку со послаби оцени во однос на „Кариоките“ во луцидноста и жонлгерството.

Нови шанси имаа Рамош и Отавио, додека најдобрата можност за Швајцарија ја пропушти Џердан Шаќири, кој од слободен удар од речиси 30 метри одлично шутираше, но Диего Кошта со крајни напори ја исфрли топката во корнер.

Веднаш потоа Португалија поведе со 2:0. По нафрлувањето од корнер високо меѓу двајцата швајцарски стопери се вивна 39-годишниот Пепе и со глава заби во противничката мрежа. До крајот на првиот дел уште еднаш се закани Швајцарија, а потоа повторно Гонсало Рамош, но во таа прилика одлично реагираше Зомер.

Сепак напаѓачот на Бенфика повторно се впиша во листата на стрелците набрзо по почетокот на вториот дел. Далот ја проби десната страна, ниско нафрли пред швајцарскиот гол, а Рамош покажа манир на вистински голгетер и ја втурна топката во мрежата за 3:0 и се чини дефинитивно го реши крајниот исход на осминафиналето. Набрзо потоа Португалија зголеми на 4:0, откако нејзините напаѓачи изведоа брза, прецизна и убава акција којашто со погодок ја круниса Гвереро кој гаѓаше под пречката.

До крајот мечот се претвори во забава во којашто целосно доминираа Португалците, иако Швајцарците намалија во 58 минута со голот на Аканџи, кој по изведениот корнер ја пречека топката на втората статива.

Во 67 минута Гонсало Рамош беше убаво исфрлен во нападот, умешно ја поткопа топката која го префрли Зомер за неговиот трет гол на мечот, што воедно е и првиот хет-трик на ова светско првенство.

Селекторот Сантош во 74 минута го повлече од игра Рамош за да му овозможи да ужива во заслужените овации од трибините, а на негово место го внесе Роналдо што исто така беше бурно поздравено и што целото второ полувреме го бараа португалските навивачи. Така, во речиси ревијална атмосфера дуелот беше приведен кон крајот, со тоа што заврши со уште еден врвен потег од страна на Португалците. Имено, погодокот за конечните 6:1 го постигна во судиското продолжение Рафаел Леао кој во игра влезе само неколку минути подоцна. Откако Португалците во неколку наврати се обидоа да му сервираат погодок на Роналдо, во 92 минута од 15 метри откосо Леао ја пласираше топката во спротивниот агол од противничкиот гол за потврда на апсолутната португалска домианција.

Португалија така сосема заслужено со пласираше меѓу осумте најдобри селекции на прввенството. Натпреварот во кој залог е полуфиналето ќе се игра во сабота со почеток во 16 часот а противник на Португалците ќе им биде цврстата селекција на Мароко.