СП Катар 2022: Хрватска по вторпат бронзена на мундијалите

Фудбалската репрезентација со победата над Мароко од 2:1 во саботата на Светското првенство во Катар по вторпат го освои третото место на светските првенства, а на минатото во 2018-та во Русија во големото финале беше поразена од Франција која во недела против Аргентина ќе ја брани титулата.

Стрелци за Хрватска беа Јошко Гвардиол во 7 и Мислав Оршиќ во 42, а Ахраф Дари израмни 9 минута за Мароко.

Хрватска поведе со удар со глава на Јошко Гвардиол по една воиграна акција по слободен удар и додавање со глава исто така со глава на Иван Перишиќ во 7 минута. Мароканците израмнија само две минути подоцна, кога по слободен удар и неиспешно исфрлање на топката од хрватската одбрана целосно осамен пред голот остана стоперот Ахраф Дари кој со глава ја испрати топката во мрежата. Во 42 минута Хрватите повторно поведоа по додавањето на Марко Ливаја и прецизниот лоб удар од врвот на шеснаесетникот на Мислав Оршиќ.

Ова е вториот бронзен медал за Хрватска на мундијалите, по третото место освоено во 1998 година на првенството во Франција, кога со идентичен резултат 2:1 ја совлада Холандија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.