СП Катар 2022: Хрватска преку пеналите во четвртфиналето

Хрватската фудбалска репрезентација се пласираше во четвртфиналето на Светкото првенство во Катар откако во понеделникот во дуелот од осминафиналето во Ал Вакра ја совлада селекцијата на Јапонија со 3:1 со подоброто изведување на ударите од белата точка.

По 120 минути игра во регуларниот тек и двете продолженија резултатот беше 1:1, а хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ стана херој откако во пенал-рулетот одбрани три удара на јапонските играчи.

Јапонија поведе со голот на Дајзен Маеда во 43, а Иван Перишиќ во 55 минута го израмни резултатот на 1;1. Бидејќи резултатот не се менуваше до крајот на регуларните 90 минута па и по дополнителни половина час игра, патникот во четвртфиналето беше решен со удари од белата точка.

Така, Хрватска во петок во четвртфиналето ќе игра против победникот од натпреварот меѓу Бразил и Јужна Кореја кој е закажан за 20 часот.

Јапонија беше поопасна во прекините во првото полувреме, додека хрватските шанси доаѓаа по грешките на противничката бековска линија. Во 3 минута Танигучи, кој се уфрли во шеснаесетникот на Хрватска по центаршутот на Ендо, се обиде со глава но не беше прецизен. Хрватска возврати во 8 минута, Перишиќ ја искористи грешката на Томијасу, влезе во шеснаесетникот дијагонално од левата страна, но не го проигра Крамариќ во средината, туку се обиде со директен удар кој Гонда го одбрани.

Нова грешка на јапонската одбрана дојде во 24 минута кога Петковиќ ја украде топката, но предолго чекаше да му додаде на Крамариќ и пропадна една многу ветувачка ситуација.

Подобрата игра во првото полувреме ја круниса Јапонија во 43 минута, по корнерот имаше кратка комбинација пред центаршутот на Доан од десната страна, Танигучи ја спушти топката на средината каде Маеда најдобро се снајде и го најде патот до мрежа од шест/седум метри.

Хрватска на сличен начин успеа да израмни на стартот од вториот дел. Ловрен се приклучи во нападот и испрати одличен центаршут од десната страна кон главата на Перишиќ, кој од 13 метри биеше во долниот лев агол на немоќниот Гонда.

Следуваа обиди од далечина од двете страни, но Ливаковиќ одлично реагираше на ударот на Ендо во 57 минута, а се истакна и Гонда во 62 минута по обидот на Лука Модриќ, кога го извади силниот удар од под самата пречка.

До крајот на натпреварот и двете репрезентации играа повеќе со мислата да не примат гол отколку како да постигнат. Хрватска најблиску до гол се најде во 66 минута кога Будимир не беше прецизен со глава и во 78 минута кога беше изблокиран ударот на Перишиќ од далечина, додека Јапонија најопасно се закани во 104 минута кога Митома освои повеќе од 30 метри и шутираше од работ на казнениот простор, но Ливаковиќ беше на место.