СП Катар 2022: Камерун ја совлада втората постава на Бразил, Швајцарија оди натаму преку Србија

Фудбалерите на Камерун ја шокираа репрезентацијата на Бразил и победија со 1:0 во последниот натпревар од Групата Г на Светското првенство во Катар, но тоа не им беше доволно за да се пласираат во осминафиналето бидејќи истовремено Швајцарија со 3:2 ја совлада Србија

Стрелец на победничкиот гол беше капитенот на Камерун, Винсент Абубакар, во втората минута од судиското продолжение на крајот од натпреварот, кога со глава ја упати топката во мрежата по центаршутот на Жером Нгомо Мбекели.

Селекторот на Бразил, Тите, го изведе својот втор состав за натпреварот против Камерун, со што Дани Алвеш го впиша 125-от настап за националниот тим, и се израмни со Роберто Карлос на второто место на листата, додека Кафу останува на врвот со 142 мечеви за Селекао.

Иако на теренот беа резервистите, Бразил доминираше во поголемиот дел од натпреварот. Веќе во 14 минута Габриел Мартинели имаше одличен удар со глава по прецизниот центаршут од десната страна, но камерунскиот голман Епаси ја извади топката која отидеше под пречката. И покрај надмоќта, Бразилците го дочекаа новиот удар во судиското продолжение на првиот дел, кога Девис Епаси го спаси проектилот на Мартинели кој повторнот одеше под пречката.

На крајот од полувремето и Камерунците можеа да поведат. По центаршут од левата страна, на втората статива топката дојде до Брајан Мбеум, кој со глава ја упати топката под гредата, но Едерсон одбрани.

Првата шанса во вториот дел ја имаа Камерунците. Во 51. минута Абубакар шутираше од десната страна, а топката мина покрај спротивната статива. Тој удар како да ги разбуди Бразилците, кои нанижија неколку потенцијално опасни ситуации во камерунскиот шеснаесетник, но голманот Епаси и рамката од голот ги спречија момците на Тите да стигнат до гол.

Во 56 минута Габриел Мартинели по третпат шутираше под гредата, а голманот на Камерун по третпат одбрани. По еден корнер, Милитао шутираше со глава, а Епаси успеа да ја скршне топката во стативата.

Како што се приближуваше крајот на мечот, обидите на Бразил стануваа сѐ појалови, иако селекторот Тите се обидуваше да внесе малку повеќе живост преку замените. Сепак, Камерунците добро се бранеа и го имаа одличниот голман Епаси. И кога се чинеше дека дуелот во Лусаил ќе заврши без голови, Камерунците дојдоа до победа. Жером Нгом Мбекели испрати идеален центаршут од десната страна, а во шеснаесетникот го пречека Винсент Абубакар и го погоди левиот дирек од голот на Бразил, а Едерсон само со поглед ја испрати топката.

Капитенот на Камерун не можеше да ги задржи емоциите, па голот за историската победа против Бразил го прослави со соблекување на дресот. Бидејќи веќе имаше судиска опомена, поради вториот жолт картон мораше да го напушти теренот пред крајот. Со играч помалку Камерунците успеаја да се одбранат.

Истовремено на стадионот „974“ во Доха, Швајцарија ја совладаа Србија со 3:2 (2:2) и како второпласирана селекција од Групата Г ѝ се приклучија на бразилската репрезентација во осминафиналето на Светското првенство.

Швајцарија поведе во 20 минута, кога Џердан Шаќири од десет метри ја испрати топката во мрежата по додавањето на Соув. Во продолжението Србија дојде до водство со пресврт. Во 25 минута Александар Митровиќ со глава ја упати топката во мрежата, а во 35 минута Душан Влаховиќ постигна гол за 2:1. Сепак, Швајцарија на пауза замина со резултат кој веже ѝ носеше пласман во осминафиналето, бидејќи во 44 минута Брил Емболо израмни на 2:2. Во третата минута од вториот дел Ремо Фројлер ја заврши одличната акција на Швајцареците со погодок за 3:2.

Бразил во понеделник на 5-ти декември со почеток во 20 часот по средноевропско време во осминафиналето ќе игра против Јужна Кореја. Ден потоа Швајцарците во истиот термин а противник во последниот осминафинален натпревар ќе им биде репрезентацијата на Португалија.