СП Катар 2022: Мароко четвртфиналист преку фаворизираната Шпанија

Фудбалската селекција на Мароко е сензационален четвртфиналист на Светското правенство во Катар, откако во вторникот на стадионот „Едукејшн Сити“ во Ал Рајан во осминафиналното соочување беше подобра од репрезентацијата на Шпанија по подоброто изведување на пеналите откако по 120 минути игра дуелот заврши без голови.

По вторпат на првенството немаше победник по регуларните 90 минути и двете продолженија од по 15 минута, па четвртфиналистот беше решен со ударите од белата точка. И исто како во понеделникот кога Хрватска на ист начин ја елиминираше Јапонија со трите одбрани на голманот Доминик Ливаковиќ, во вторникот марокански херој стана голманот Јасин Боно кој запре два од три удара на Шпанците, на Солер и Бускетс, додека Зарабија ја погоди стативата. Од друга страна тројца од четворицата марокански изведувачи го солвадаа Унаи Симон, и тоа Сабири, Зијеш и Хакими.

Така, Марокот во четвртфиналето во сабота ќе игра против победникот од дуелот меѓу Португалија и Швајцарија кој се игра подоцна во вторникот од 20 часот.

Според очекувањата, Шпанија имаше доминација во поседот на топката, додека пожртвуваните Мароканци се бранеа во поглемиот дел од дуелот. Таквата поставеност на играта не овозможи создавање поголем број шанси, па во првото полувреме двете репрезентации само по еднаш сериозно се заканија, но ниту тогаш ударите не одеа во рамката на голот.

Единствената вистинска шанса во првите 45 минути Шпанија ја имаше во 26 минута, кога Асенсио прифати долго додавање, влезе во казнениот простор, но откосо од левата страна го погоди само надворешниот дел од мароканската мрежа. Мароко најдобрата можност ја имаше во овој дел од играта кога во 42 минута Боудал одлично го измами шпанскиот бек по левото крило и испрати идеален центаршут на главата на Агуерд, но мароканскиот стопер од пет метри го префрли голот.

Настаните на теренот не се променија и во вториот дел. Мароканците речиси се откажаа од напаѓачките амбиции, додека Шпанците кружеа околу противничкиот шеснаесетник, но без никаков ефект. Дани Олмо во 54 минута се обиде со удар од левата страна по слободен удар, но голманот Боно беше на место. Замените во шпанскиот напад Инаки Вилијамс и Алваро Мората ја одиграа акцијата во 81 минута, Вилијамс му ја поттури топката на Мората во казнениот простор, но овој дојде преблиску до гол-аут линијата, па неговиот удар мина паралелно со гол-линијата.

Во последната минута од судиското продолжение на мечот Олмо уфрли од слободен удар од левата страна, но никој од шпанските напаѓачи не успеа да дојде до топката и да ја сврти во мрежата, па Буну ја изби во корнер.

И во продолженијата доминираше Шпанија, го стегаше обрачот околу мароканскиот гол, но најдобрата шанса за погодок ја имаше Мароко во 104 минута. Унахи со одличен продор ја донесе топката пред шпанскиот шеснаесетник и го поигра Шедир, но следеше не многу силен удар директно во Симон. Мароко изведе уште два опасни напади, но неговите напаѓачи иако можеа да извлечат далеку посериозни закани по шпанскиот гол, почетнички грешеа. Шпанија, пак, најблиску до погодок беше буквално во последните секунди од мечот. Во третата минута од судиската надокнада на продолженијата Родри нафрли од левата страна на втората статива каде што натрча Зарабија, но неговиот удар откосо од пет метри заврши во страничниот дел од стативата, па топката не се одби во мрежата туку излезе во гол-аут.

Така Мароко првпат во својата историја ќе игра во четвртфинале на светско првенство, а досега најголемиот успех беше осминафиналето во 1986 година на мудијалот во Мексико, кога стана првата африканска и арапска селекција која ја мина групната фаза но беше елиминирано од тогашна Западна Германија со голот на Лотар Матеус на една минута пред крајот на регуларните 90 минути.